Нефи Усеини и неговиот брат во бегство, полицијата трага по нив
Основниот суд во Охрид го прифати предлогот на обвинителството и им одреди притвор на бизнисменот и советник во општина Охрид од редовите на ДУИ, Нефи Усеини и на неговиот брат Ибраим Усеини за тепачката во Охрид.
На двајцата им е одреден осумдневен притвор, но и двајцата се недостапни на полицијата и се трага по нив.
Полицијата вчера поднесе кривични пријави против советникот во Општина Охрид, Нефи Усеини и против уште едно лице, во врска со инцидентот кој се случил пред хотел во Охрид. Лицето С.Т. од Охрид во полиција пријавило дека врз него бил извршен физички напад, како и биле упатувани закани кон него и кон неговиот малолетен син со огнено оружје од страна на Усеини и уште неколку лица.
Нефи Усеини е првиот човек на партијата ДУИ во Охрид. Партискиот лидер Али Ахмети вчера за случајот пред медиумите рече дека таквите прашања не може да ги решава партијата туку органите на прогонот односно обвинителството и полицијата.
Кривични пријави против Усеини беа поднесувани и во минатото за повеќе случаи на насилство, физички напади, узурпација на простор.