Многупати досега сме пишувале дека храната што ја јадеме има големо влијание на нашето здравје. Го крева нивото на енергија, ни дава сила и издржливост, го подобрува имунитетот и така ни помага да се бориме против болести. Сепак, секоја храна не е еднакво корисна.
Постојат и нездрави намирници, таканаречената ултрапреработена храна која најчесто е направена од посебни, вештачки преработки и содржи многу малку хранливи материи или воопшто ги нема. Неодамнешно истражување откри дека токму таа ултрапреработена храна може да предизвика депресија.
Што е ултрапреработена храна?
Нутриционистите се сложни дека оваа храна минува низ преработки поради кои губи значаен дел од хранливите својства и дека во неа е додаден мал или поголем процент на нездрави состојки како соли, шеќери или масти. Под ова првенствено се мисли на засладени пијалаци, слатки и солени „грицки“, производи од месо, замрзнати јадења и слично.
Иако преработената храна претежно е практична, евтина и брза за подготовка, не содржи скоро никакви хранливи материи потребни за организмот туку во себе има арома, конзерванси, адитиви, бои, емулгатори и други вештачки додатоци.
Истражување на Универзитетот во Флорида покажа дека оваа храна може да биде причина за појава на депресија кај луѓето кои со неа претеруваат и ја консумираат неколку пати неделно.
Експертите следеле вкупно 10.359 возрасни луѓе постари од 18 години и открија дека оние кои консумирале повеќе ултрапреработена храна покажувале почести симптоми на депресија и анксиозност од оние кои истата храна ја јаделе поретко или воопшто не ја јаделе.