Најџел Фараж : Жртвите во Берлин „одат на душа“ на Ангела Меркел
Британскиот десничарски и антиевропски политичар, Најџел Фараж ја обвини денеска канцеларката Ангела Меркел за терористичкиот напад во Берлин.
Според овој поранешен лидер на британската УКИП, сега само европратеник, нападот на божикниот базар во Берлин е „стршна вест“, но дека тој не е изненаден.
– Настаните како овој ќе бидат дел од политичкото наследство на Ангела Меркел, напиша на Твитер Фараж.
Во изјава за лондонското радио ЛБЦ, тој уште рекол дека тоа е последица на политиката на германскиот канцелар за „отворена врата“ за бегалци и мигранти од Блискиот Исток и зоните зафатени со војна.
– Меркел ги предизвика социјалните и терористичките проблеми во Германија и прашање на време е кога сите ќе се согласиме со тоа, посочи Фараж за радио ЛБЦ.
Неговата изјава остро ја нападна сопругот на убиената лабуристичка пратеничка Џо Кокс, која на една недела пред референдумот за ЕУ, беше застрелана, а потоа десетина пати избодена со нож, додека агитираше за останување на Велика Британија во Унијата.
Нејзиниот убиец, Томас Меир, англиски ултрадесничар, задоен со фашистичката идеологија, кој е веќе осуден на доживотен затвор, во моментот на нападот извикувал пароли за тоа дека Британија треба да биде независна и дека Британија му е во душата на прво место.
Сопругот на убиената пратеничка, Брендан Кокс сега го обвини Фараж дека продолжува со своето „ширење омраза“.
– Крајните десничари и исламистичките екстремисти делат една иста омраза, раководена од психологијата за нетолерантност кон различностите и толеранцијата. Мораме сите заедно да ги совладаме и да ги поразиме и едните и другите, му порачал Кокс на Фараж.
Изјавата на британскиот политичар е речиси истоветна со изјавата на Маркус Прецел, од крајно десничарската антиЕУ партија, Алтернатива за Германија.
– Оние кои загинаа синоќа во Берлин, се жртви на Меркел, истакна Прецел.
Медиумите во Лондон, забележуваат дека Најџел Фараж сака да го искорсти нападот во Берлин за политички потреби на десничарската УКИП и нејзината антиимигрантска политика.
Поранешниот лидер на оваа партија, меѓутоа, не кажува дека во кампањата за референдумот од 23 јуни, неговите жестоки антимигрантски говори се однесуваа за лугето од земјите на источниот дел од ЕУ, кои немаат врска со тероризмот, а не и за бранот бегалци, како оние во Германија, зашто нив во Британија ги има многу малку.