Македонци не смеат да се пријават на оглас за лекари во ГАК
Огласот на Универзитетската клиника за Гинекологија и акушерство во Скопје каде што е наведено со напомена дека се бараат лекари со албанска етничка припадност предизвика силни реакции кај јавноста, иако конкурсот е распишан врз основа на Законот за вработени во јавниот сектор, пренесува А1он.
Според Јавниот оглас за вработување на здравствени работници на неопределено време ГАК има потреба од двајца доктори на специјализација по гинекологија и акушерство, еден од турска и еден до албанска националност, предвидено е вработување на двајца специјализанти по педијатрија од албанска националност и специјализанти по анестезија и интензивна медицина каде што се бараат Ром (ка) и Албанец (ка).
„Не е битно дали е професионален и стручен лекар, туку да е Албанец, Турчин, Ром, добро луѓе дали сте нормални??? Па уште со напомена е ставено, да не случајно се залета некој друг, ич да не аплицирате. Јас нема да коментирам понатака само со цел свој авторитет ви кажувам дека ваков преседан не постои ви медицинскиот свет! Националност не постои во терциена здравствена установа. Каква врска има националност со гинекологија и акушерство?“, праша доктор Ненад Лазаров на социјалните мрежи.
Министерот Фатмир Меџити одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција рече дека пред објавување на конкурсот огласот се одобрува од управниот одбор на клиниката и дека Законот го предвидува тоа, но се согласува со јавноста дека знаењето и искуството е пред се.