МакедонијаТоп

Македонија праќа за амбасадори оџа, осомничени за проневери, лица со двојно државјанство…

Веднаш по објавувањето на последната листа на амбасадори кои Македонија планира да ги испрати по испразнетите дипломатско-конзуларни претставништва, за дел од нив се објавија детали од нивните биографии не баш соодветни за еден дипломат. Министерот за надворешни работи Никола Димитров тогаш соопшти дека се работи за професионалци, дипломати од кариера и дека оваа власт го прифаќа принципот на професионалци, а не на партиски претставници, пишува порталот МКД.мк.

Сепак, објавувањето на информации за недоследностите во изборот на овие кандидати не престанаа.

Најпрво МКД.мк објави детали од биографијата на Шабан Јашари, кандидатот за амбасадор во Катар. Тој пред неколку години како конзуларец во истата амбасада бил фатен како ја злоупотребува службената положба при издавањето за визи. За тоа била покрената и дисциплинска постапка против него во МНР, а пријава била поднесена и од МВР. Овие податоци кои МНР мора да ги има во досието за нивниот вработен Јашари, за Никола Димитров и претседателот Стево Пендаровски не претставуваа никаков проблем во однос на привршување на процедурата за испраќање на новото, повисоко работно место на овој дипломат.

Денеска се објавија неофицијалните информации за четворица кандидати за амбасадори кои се со двојно државјанство, што е спротивно на Законот за надворешни работи. Неофицијално, кандидатот за амбасадор во Израел, Мишо Докмановиќ, имал и хрватски пасош. Таков пасош неофицијално имал и Емил Кирјас, новиот предлог раководител на Мисијата во Њујорк. Светлана Гелева, кандидатот за амбасадор во Стразбур имала и пасош на Црна Гора, а двојно државјанство имал и Агрон Буџаку, кој треба да ја предводи амбасадата во Канада.

Претседателот Пендаровски најави дека нема да дозволи испраќање во странство на амбасадори кои поседуваат двојно државјанство и побарал проверка на сите предлози за амбасадори.

ТВ Телма објави дека за амбасадор на Македонија во Кина кандидат е оџата Џемаил Чупи, поранешен кандидат за градоначелник на Дебар од Беса. Во биографијата на Чупи е наведено дека студирал на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, дека е доктор по политички науки и оти предава на Универзитетот за бизнис и технологија во Приштина. Од Чупи на Јутјуб можат да се најдат снимки од 2014 на кои се гледа како Чупи држи проповеди во Германија. Тој инаку бил дел од медреста Иса Беј во Кондово.

ПОВЕЌЕ НА МКД.МК

Поврзани вести

Back to top button