Летало на НАСА денеска ќе удри во астероид за да ја заштити Земјата од непредвидени удари (ВИДЕО)
Американската вселенска агенција НАСА намерно ќе упати вселенска сонда за да удри во астероид голем колку египетска пирамида. Настанот може да се следи во живо на полноќ.
Мисијата е наречена ДАРТ (DART Double asteroid redirection test) и е првиот обид на луѓето да поместат астероид. Целта е Диморф, астероид кој не е закана за Земјата, но мисијата претставува експеримент за да се види како луѓето би се соочиле со вистинска закана од удар на астероид.
Со ударот, НАСА се надева дека ќе се забави кружењето на Диморф околу друг астероид за околу 10 минути.
Како да го следите настанот во живо?
Ударот во астероидот ќе се случи на некои 6,8 милиони милји од Земјата, но вселенската сонда има камера која ќе испраќа една фотографија во секунда до Земјата во реално време. Секако, до ударот.
НАСА ќе го пренесува настанот во живо, а може да го следите на видеото во продолжение. Преносот во живо почнува на полноќ, по средноевропско време, а ударот се очекува околу 1:14 часот.