Македонија

Легална измама на потрошувачите – државата не презема ништо за кремот кој ветува дека лечи болки во зглобовите за 4 дена

Колку и да звучи неверојатно, ова е заклучокот до кој дојдовме по едномесечното истражување, на кое не наведе реклама на Фејсбук за крем кој лечи болки во зглобови за четири дена. Потрошивме неколку илјади денари на еден од чудотворните препарати и многу повеќе време во преписки со институциите за да откриеме – како функционира оваа шема.

Ланецот има пет субјекти:

– производител, кој во нашиот случај е во Русија;

– увозник во Македонија, кој не го нуди производот ни во аптеки, ни во продавници, туку само на интернет;

– веб-страница, регистрирана надвор од Македонија, како единствен начин да се види и нарача производот;

– диспечерски центар кој го контактира потрошувачот што го нарачал производот на веб-страницата;

– фирма за брза пошта на која на рака и се плаќа производот.

Шемата функционира така што:

– производот влегува легално во Македонија, од извозникот до увозникот, со дозвола од надлежните институции во земјава;

– го рекламира веб-страницата регистрирана во далечни земји, како Панама, и која во нашиот случај лажеше дека кремот е препорачан од македонското Министерство за здравство и од доктор во клиниката Жан Митрев;

– и извозникот и увозникот, иако имаат очигледен интерес од лажната реклама на веб-страницата, се оградуваат и тврдат дека немаат никаква врска со интернет-страницата; со тоа и не одговараат за лажното рекламирање и измамените потрошувачи;

– увозникот се оградува дури и од диспечерскиот центар, иако тој е единственото место за нарачка на производот;

– крајниот чекор, продажбата, се врши преку брза пошта, а купувачот му плаќа на рака на доставувачот.

Увозникот признава дека парите завршуваат кај него, но за надлежните тоа не е доволно за тој да се поврзе со лажната реклама. Институциите веруваат во тврдењата на увозникот дека тој нема влијание врз рекламирањето и веб-страницата, иако тоа е единствениот начин да се стигне до информација за кремот и тој да се купи. На овој начин, увозникот останува чист пред законот.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, од каде е издадена дозволата за увоз, по неколкуте проверки и инспекции, велат дека нивните ингеренции завршуваат тука и дека се што е во нивниот домен е законско.

„Дека ние ќе можеме ова праволиниски и само со интервенција од нашата институција да го решиме е невозможно. Нашите сознанија и решенијата кои произлегуваат од дејствувањето на ДЗСИ се препратени понатаму до МВР кои имаат соодветен сектор и ќе реагираат соодветно на ваквиот начин на рекламирање. Да се надеваме дека ќе бидеме поуспешни во запирањето на, условно речено, лажните функции кои се припишуваат на одредени производи кои се рекламираат за поуспешна продажба.“ – изјави Д-р Ирина Сотирова Бухова – директор на Државен санитарен и здравствен инспекторат.

Дали ваквиот начин на работа и рекламирање на некои производи може да се нарече и сфати како „легална измама“, затоа што на интернет секојдневно се појавуваат слични производи кои и натаму се продаваат, меѓутоа фирмите се оградуваат од начинот на рекламирање кој што институциите очигледно тешко можат да го спречат?

„Ако се договориме дека, нели, ние не можеме да кажеме што се е легално или не до детали, ќе се согласам со вас дека ова е врзан круг. Една институција ќе реагира во рамките на своите законски можности. Понатаму реакцијата се чека од друга институција, верижно поврзана. Меѓутоа, колку на крај ќе биде користа во однос на широката популација, пациенти или гледачи, останува да видиме.“ – одговори Д-р Сотирова – Бухова.

За измамата на потрошувачите разговаравме и со увозникот, кој продава и спрејови за слабеење, лекови за габични инфекции, па и крем за зголемување на градите. Ни го кажаа истото што им го кажале на надлежните – спорните интернет-страници не биле нивни, иако тие се единствениот канал за да се дознае за производот и тој да се нарача.

„Ние контактиравме со нашиот партнер (од Русија н.з.) веднаш по објавувањето на залажувачкото рекламирање и се заканивме дека ќе ја прекинеме соработката. Тие (од Русија н.з.) ни одговорија дека тоа се фриленсери кои заработуват пари преку рекламирање и веднаш ќе се обидат да ги стопираат. Процесот траеше подолг период, бидејки тие се со различни IP адреси и лоцирани на повеќе места во светот.“ – изјавија од фирмата – увозник.

Иако се знае кој има ќар од измамата на потрошувачите, полицијата се уште го нема виновникот за лажното рекламирање.

„Секторот за компјутерски криминал е запознаен со случајот на залажувачко рекламирање на интернет и има остварено контакт со Министерство за здравство, но се уште не е добиена официјална пријава со цел за понатамошно постапување и преземање конректни дејствија. Исто така, до сега немаме добиено ни една пријава за залажувачко рекламирање на интернет.“ – информираа од Министерството за внатрешни работи.

И додека трае институционалниот пинг-понг, производот против болки во зглобовите се уште се нуди на интернет. Нашите стории придонесоа да бидат отстранети злоупотребеното лого на Министерството за здравство и името на познат доктор во клиниката Жан Митрев од интернет-страниците за нарачка. Но, нив ги заменија фотографии од други доктори со измислени идентитети кои ги „препорачуваат“ производите. На пример, на истата фотографија од овој човек продолжуваат да и се монтираат различни производи.

„Јас би апелирала до нашите граѓани да не се залетуваат лесно на такви волшебни и лесно посакувани ефекти кои ги слушаат и читаат секојдневно. Во мојата долгогодишна пракса како доктор не сум забележала препарат кој лечи се, посебно не препарат кој така брзо и ефикасно лекува.“ – вели Д-р Сотирова – Бухова.

Извор: 360 Степени

Поврзани вести

Back to top button