Кривични за сегашниот и поранешниот министер за локална самоуправа
Актуелниот министер за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, и неговиот претходник Лирим Шабани, министер за локална самоуправа во периодот 2015-2017 година, државна советничка од Министерството за локална самоуправа, како и една одговорна службеничка за спроведување на ИПА Оперативната програма меѓу Македонија и Бугарија, добија кривични пријави за незаконска исплата на хонорари во износ од 37.750 евра.
Управата за финансиска полиција ги товари актуелниот и претходниот министер, како и М.М.П., државна советничка за европски интеграции во министерството, и четврто пријавената Б.Р. за договори со кои последните две, иако редовно вработени во Министерството, преку четири договори како дополнително ангажирани лица, добиле хонорари во вкупен износ од 2,2 милиони денари (35.750 евра). Како што велат од Финансиска полиција, за да се прикрие трагата, сите четиримина дозволиле наместо лични податоци, во договорите за хонорарите советничката и одговорната да бидат наведени како „експерт бр. 12“ и „експерт бр. 13“.
Горенаведеното се потврдува и со ревизорски извештај за незаконски исплатени парични средства на ангажирани вработени лица како експерти во вкупен износ од 2.198.243 денари, кои од страна на Министерството за локална самоуправа се вратени на ИПА-фондовите, со што му е нанесена штета на буџетот на Министерството“, велат од Финансиската полиција.