ЖивотТоп

Ќе ме сотрат еден ден чинам или убавите жени или лошите вина, прекрасни мисли на Петре М. Андреевски!

Петре Мито Андреевски (многу повеќе познат како Петре М. Андреевски роден во Слоештица, Демирхисарско, 25 јуни 1934 — Скопје, 25 септември 2006) — македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања.

Ова се некои од многуте негови убави мисли

„Ќе ме сотрат еден ден чинам или убавите жени или лошите вина“

„Човекот со плач иди на светов и со плач си оди од светов.”

„Богат не е тој што има пари, вели, туку тој што нема сиромашна душа.”

„Брза е младоста, човече, ко вода истекнува.”

„Така секој со секого се клеветевме и се виде дека од човекот немало поголем нечовек.”

„Само на човек роден во пролет, вели Велика, дрвцата му се фаќаат како пиреј. Ниедно не го прескокнува.”

„Помошта на луѓето ти дава надеж и крилца.“

„Сè се прави и сè се поправа дури си млад, вели, а после само ги жеволкаш годините.”

„За држава треба цар, даскали, доктори, писари, вели војводата, а ти имаш само болви и болвосерки. Македонија е само едно големо буниште, вели.”

„Ум недоветлив, човечки.”

„Животот е една една голема угорница, а уште поголема удолница по која трчам. Цел живот трчаме за да го откриеме нејзиниот крај, нејзиниот гаѕер. Кај што ќе заврши и нашето тркалање. Нашето постојано паѓање.”

„Пред малку само трчавме еден кон друг: и од едната страна има наши луѓе и од другата страна има наши луѓе. А и сите луѓе на светот се наши луѓе.”

„Не е разликата во зборовите, вели Витомир пувкајќи со цигарата, туку во луѓето што ги кажуваат тие зборови.“

„Луѓето се исти“, велам јас, „ама умот не е ист во луѓето.”

„Ние, за умен човек имаме само еден збор, велам, којзнае зошто, ама за умен човек немаме повеќе зборови. Сигурно дека умните луѓе се малку, велам, па малку се и зборовите за нив. За лош човек имаме многу зборови, велам, колку што има лоши луѓе, толку и лоши зборови.”

„Добро, бре, Витомире, му велам, може ли коњот да биде вол само со тоа што ќе му го смениш името, како мене што ми го сменија презимето. Ајде кажи, ако си човек, му велам.”

„Секој мисли дека е најубаво она место кај што се родил.”

„Ама срцето човечко било бунар: само се полни, а не се преполнува.”

„Лошото време го прават лошите луѓе.“

„Човекот најмногу не верува кога се сомнева во себеси.”

„Не знам како е поарно да се умре: Намерно, како јунак, или ненамерно, како згазена бубачка.”

„Срцето најмногу открива, тоа не знае за стратегија, си мислам, тоа е предавник.”

 „Стравот е страшен само за оние што му се плашат.”

 „… ама човек не треба во ништо да верува и најубаво му е на оној во ништо што не верува, во ништо што не се надева, барем него ништо не може да го изненади…”

 „Нам, на селаните, среќата ни е променлива, а несреќата постојана.”

 „Племето наше е пиреј, вели Лазор Ночески, и не го ништи ниедна војска и ниедна болест. Пиреј е троскотна трева, вели, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, вели, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, вели, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева, вели.“

 „Нели си родено женско – колнато си. Уште мајка ми велеше: „кога се раѓа женско и стреите плачат.“ Јас тогаш не знаев оти така ми вели така мајка, ама сега знам…”

 „Ебати народот кој само бега, а на сè да ти завидува.”

 „Многу луѓе загинаа, а не знам зошто загинаа. Ама времето е такво. Секој си вели: оти јас да умрам, нека умре оној што сака јас да умрам. Ако беше убава смртта и господ ќе умреше. Или и тој умира со луѓето, со секој човек?”

 „Што да правиш: од лошо има и полошо. Грешни мисли во грешни луѓе.”

 „А кога е осамен, а не сака сам да биде, ќе почне да си зборува со себеси: се борев, прашува, се бореше, сам си одвраќа. А за кого се борев, прашува, за кого и против кого, прашува, кој е поразениот, се прашува, ама одговор сега не си дава.”

 „Дури бев млад, вели, мислев дека секогаш ќе има време за она што го немам. Ама времето било лажовно, вели, курва било времето. Сè на превара ми зеде, вели, и сега назад не можам, а за напред уште понеможам. Не ми отвора пат за напред.”

„А тој само си ја спомнува раната. Големата рана што не се гледа. Само големите рани не се гледаат и не се догледуваат. Си знам јас по мене. Не се догледуваат оти се во душата, а душата е секаде до кај што ти стасува умот.”

„Им ги менуваме презимињата. Не може кој како сака да мака. Клаваме ред. Им кажуваме како треба да се викаат. Внесуваме култура прва. Народот е ослепен и оглувен од страв и треба да му се каже кон кај треба да гледа и што треба да слуша.”

„Било-поминало, велам, живот брз: на една врата влези, на друга излези. Толку има животот, велам, толку. И кога ќе те прашаат:
– Која беше?
– Никоја.
– Кај си била?
– Никаде.
– Што направи?
– Ништо.
– Толку е животот, Стојно златна, велам, толку…”

 „Ама подобро е да си ја познаваш несреќата, вели, отколку во непознато да си ја бараш среќата.“

 „И рече: „дојде време да се убива брат со брата и никој да не гледа ни пријател, ни роднина. Ебати животот, рече, кога мораш ваков народ да имаш што не те гледа за ништо.”

 „Косата и да му побелува, срцето не може да му остари, си мислам.”

 „Од цел свет бесот кај нас завршува.”

 „На сиромав, вели војникот, ни сиромаштијата не можеш да му ја земеш.”

 „Куршумот не прашува кој си, што си, од кај си. Гранатата – ич.”

 „Не плачеме, вели, тоа дождот ни тече по образите.”

„Значи, мракот е само кај луѓево, до кај што држат буките. Над врвот од буките е сè запалено, илјадници кандила од илјадници души си светат. Си намигнуваат.”

„Е, времето не врви само кога имаш мака. Кога ќе ти позацелат болките, и тоа е јуда. Ти бега како вода.”

„На изгореното срце и окото му е суво. Не пушта солза и да го молиш.”

„Мене господ ме остави, велам, а човекот бил амбар, сè можел да собере.”

„Покрај болката од чедото, мајката ја заборава својата болка.”

 „Дури има луѓе, ќе има и војни.”

 „Кога времето е облачно и луѓето се облачни.”

 „… и јас ќе одам да прашам, што ќе стане со Македонија, велам, Македонија е долга и широка, ми вели полковиот, и за Македонија одговор сега нема, одговорот е во вас, сичките нас, благодарам му велам, коњите се тепаат, а магарето го јаде ќотекот…”

 „… не знам кај беше ова и не знам кога беше, јас мислев во цвеќе ќе ја најдеме Македонија, а таа во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа, ќе ја посееш жито, а кукавици ќе ти никнат.”

 „…пријателот ти е роднина кого самиот си го одбираш.”

„Тој пие со власта, вели, оти власта пие без пари.”

 „Ете што е животот, рече Дуко Вендија, ништо не е. Пиши – бриши. Ќе пишуваш, пишуваш, рече, а смртта наеднаш сè ќе ти избрише.

Еден завршен разговор, рече Роден Мегленоски, животот е еден завршен разговор.”

Поврзани вести

Back to top button