Македонија

Иселениците го доградуваат манастирот „Свети Илија“

Со организирање турнир во петанк, иселениците по потекло од делчевски Ѕвегор, во околината на градот Пиду во Швајцарија, продолжуваат со хуманитарните акции за собирање средства, за доизградба на дел од екстериерот на манастирскиот комплекс „Свети Илија” во село Ѕвегор, Делчевско.

Како што информираше иселеникот Дејан Новоселски, во акцијата учествуваат иселеници од сите делови на Швајцарија.

-Потребните средства ќе бидат наменети за изградба на трем, во рамки на манастирскиот комплекс „Св.Илија”, кој се наоѓа над Ѕвегор. На одржаниот состанок на црковниот одбор, констатиравме дека досега се собрани, само половина од средствата и затоа го организираме овој турнир, овде во околината на Пиду во Швајцарија – истакна Новоселски.

Тој очекува, дека останатите средства ќе се соберат до почетокот на идната пролет, кога би започнала и изградбата на тремот во манастирот.

-Апелирам до сите иселеници, активно да се вклучат во акцијата за собирање средства, со што манастирот за наредното големо празнување, во ново руво ќе ги дочека верниците, кои ќе присуствуваат на одбележувањето на празникот, посветен на светиот пророк Илија – додаде Новоселски.

Манастирот „Свети Илија” во село Ѕвегор е изградена на 2 август 1991 година, а осветена на 15 септември истата година од страна на тогашниот митрополит Брегалнички г. Стефан.

Поврзани вести

Back to top button