Видеото од разговорот на Илон Маск и новинарот на „Би-Би-Си“, Џејмс Клејтон, со молскавична брзина се шири на социјалните мрежи. Извршниот директор на Твитер во разговорот го обвини новинарот на „Би-Би-Си“ дека не е способен да наведе примери за дозволен говор на омраза на овој социјален медиум.
Клејтон го прашал Маск како планира да се справи со инцидентите со говор на омраза кои се пријавуваат на Твитер, а кога милијардерот од него побарал да наведе некои примери на говор на омраза на Твитер, новинарот одбил да го стори тоа.
„За каков говор на омраза зборувате? Мислам, користите Твитер. Дали гледате пораст на говорот на омраза? Некој личен пример? Не сте способни да наведете?! Мислам дека тоа е апсурдно, вие лажете“, изреагирал Илон.
„Барам еден пример, а вие не можете да дадете ниту еден. Тогаш велам, господине, дека вие не знаете за што зборувате. Не можете да ми дадете ниту еден пример за содржина со омраза, дури ниту еден твит. А сепак тврдевте дека содржината е полна со омраза. Тоа е лага, вие лажете“, инсистирал Маск.
За потсетување, „Би-Би-Си“ неодамна беа означени од страна на Твитер како „медиум финансиран од владата на Велика Британија“, што доведе до остра реакција на британската јавна телевизија.
Илон Маск во интервјуто ги обвини „Би-Би-Си“ и за прикривање на несаканите ефекти од вакцинацијата против Ковид-19 и за ширење дезинформации за маските.
„Дали „Би-Би-Си“ се сметаат себеси за одговорни за дезинформациите за маските и несаканите ефекти од вакцинацијата? Вие воопшто не известувавте за тоа“, вели Маск во интервјуто.
„А што е со фактот дека „Би-Би-Си“ беше под притисок од британската влада да ја промени својата уредувачка политика?“, додал тој.
Коментарите на интервјуто се бројни, а многумина се согласуваат со фактот дека новинарот едноставно не му е дораснат на Маск.
„Го уништи“, „Еве вака изгледа новинарството на „Би-Би-Си“. Не е во состојба да наведе ниту еден пример“, гласат коментарите.