Хуманитарен концерт на Камерниот оркестар „Ајга“
На последниот концерт во рамките на првата сезона на годинашното издание на „Деновите на македонска музика“, Камерниот оркестар „Ајга“ ќе изведе концерт под диригентство на Ана Спасовска, чиишто средства од продажбата на билетите ќе бидат донирани за лекувањето на малата Теодосија Лазаровска. СОКОМ како општествено одговорно здружение, покрај грижата за заштита, изведба и промоција на македонското уметничко творештво, овој пат со концертот на ДММ 2023 ќе се вклучи и во акција од хуманитарен карактер.
На програмата ќе бидат одбележани јубилеите на македонските композитори кои оставија траен белег во развојот на македонската уметничка музика: 80 години од раѓањето на композиторот и академик Ристо Аврамовски со делото „Пролетна симфонија“ и 90 години од раѓањето на композиторот и диригент Драган Шуплевски со делото „Македонско капричо“. Камерниот оркестар „Ајга“ предводен од диригентката Ана Спасовска заедно со виртуозот на виолина Кирил Трусов од Германија ќе го изведат и Концертот за виолина и оркестар во е-мол од Феликс Менделсон.
Фестивалот 46. Денови на македонска музика се одржува под покровителство на Претседателот на Р.С. Македонија, поддржан од Министерството за култура, и истиот ќе се реализира во соработка со Гете Институтот и Друштвото за македонско-германско пријателство.