Хорор во Париз: Авганистанец со нож прободел 7 минувачи и ги тепал со метална шипка
Напаѓач кој бил наоружан со нож и метална шипка, вчеравечер во Париз ранил седум лица, од кои четири се потешко повредени, соопштило париското обвинителство.
Нападот бил изведен во 19-тиот арондисман, околу 22:45 часот, а медиумите повикувајќи се на извор близок до истрагата, велат во оваа фаза нема елементи кои би укажувале на терористички напад.
Исто така се наведува и дека ранетите лица биле итно пренесени во болница, додека еден очевидец е во состојба на шок.
Напаѓачот кој е полнолетен и за кој се претпоставува дека е со потекло од Авганистан, најпрвин прободел три лица во близина на киното “MK2”, а луѓето кои се нашле во близина се обиделе да го запрат напаѓачот, фрлајќи спортски реквизити по него.
Тој успеал да побегне, а потоа во една од споредните улици нападнал двајца англиски туристи, ранувајќи еден од нив во градите. Напаѓачот на крајот бил уапсен.
Британскиот “Foreign Office” соопшти дека истрагата за инцидентот е во тек и дека се во контакт со француските власти.