Германија ја заплени една од најголемите јахти на светот
Eдна од најголемите луксузни јахти на светот, во сопственост на сестрата на рускиот олигарх Алишер Усманов, која Германија ја запленила поради санкциите против Русија, сместена е во Бремен, потврдила денеска царината на тој германски град.
Царината не сакала да соопшти каде точно е усидрена јахтата „Dlibar“.
Мегајахтата вредна 600 милиони долари која во април врз основа на санкциите на ЕУ била запленета, го напуштила пристаништето во Хамбург во текот на ноќта.
Германската полиција вчера спровела рација во четири сојузни држави, бараjќи го рускиот граѓанин за кој се сомнева дека ги крши санкциите кои ги вовела ЕУ, а според германските медиуми станува збор за Алишер Усманов.
Германските медиуми објавија дека една од пребараните локации е и вилата на олигархот на езерото Тегернзе во Баварија.
Минхенската полиција соопштила дека се спроведени рации по рускиот државјанин и уште четворица осомничени.