Гаврил Велички викендов ќе биде прогласен за светител
Оној кого и за живот го сметаа за свет и официјално ќе добие ореол. Гаврил Велички се запишува во списокот на светиите. Церемонијата за неговото прогласување за светител ќе се одржи во градската црква во Штип, а ќе почне утре попладне.
– Утре со почеток на 18 часот ќе почне вечерната богослужба на која ќе чиноначалствува неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а потоа ќе се отслужи и последната панихида за него – изјави протојереј ставрофор Николче Ѓорѓев.
Во недела наутро, во 8.15 часот, моштите на светителот ќе пристигнат од Лесново во Штип. Тогаш ќе биде прочитана и објавата за негово прогласување за светител.
– На светата Литургија ќе биде објавена одлуката на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква за впишување во списокот на светиите на епископот Велички Гаврил Светогорец. Неговите мошти ќе останат овде еден ден по што повторно ќе бидат вратени во Лесново – објасни протојереј ставрофор Ѓорѓев.
Постапката за прогласување на светител за Гаврил Велички траеше со години. Во тој период посебна комисија при Светиот синод ги бележеше сите негови добрини и чуда.
Многу духовни чеда во верата ги вовел токму Гаврил Велички Светогорец, многумина извлекол од калта на гревот и пороците, некои ги присоединил кон светата Православна црква, други ги упатил по монашки пат. По негови молитви дете проговорило, друго се спасило по сообраќајна несреќа, се измолил дожд за сувите ниви, многумина се исцелиле. Сево ова и уште многу, ќе биде запишано во неговото житие, а Брегалничката епархија, првпат од своето постоење ќе канонизира свој светец, овдешен.
– Бидејќи тој е роден штипјанец, потекнува од Брегалничката епархија, ќе биде наш застапник и молитвеник пред Бога – истакна протојереј ставрофор Ѓорѓев.
Во меѓувреме, на местото каде што некогаш била неговата куќа и каде што стоеле скулптури изработени од негова рака, почна изгрдабата на храм во негова чест.
– На овој начин Штип покажува посебна почит и му се оддолжува и на Бога и на светителот“ – истакна г. Иларион, митрополит на Брегалничка епархија.
Епископот Велички Гаврил е роден во 1926 година во Штип од православни родители, Методиј (подоцна, со монашко име, Кирил) и Горица Парнаџиеви. Дипломира вајарство на белгрдскиот универзитет, но сето световно го остава зад себе и се посветува на Бога, најнапред како монах на Света Гора. Откако му е прекинат престојот во Грција, оти бил Македонец, служи во манастирите во Матка, сè до 1974 година кога доаѓа во Лесново.
Се упокојува на 12 јануари 1990 година, но не ги осавил своите духовни чеда. По неговото заминување во Горниот Ерусам на многумина им се јавил во сон, а на едно негово духовно чедо на кое нагло почнал да му слабее видот, му се јавува на сон и го излекува. Во домот на едно негово духовно чедо од неговата слика, која ѝ ја дал додека бил жив, почнало да тече свето миро. И до ден денес чудеса се случуваат на неговиот гроб, како она со болната Лора од кочанско Тркање, која чудесно се исцелува, откако лекарите веќе кренале раце.
Селаните кажуваат дека по неговото упокојување во Господа на неговиот гроб гледале светлина во вид на огнен столб.
Извор: Нова Македонија