ФОТО: Запознајте ја Марија, постарата ќерка на Путин
Најжестокиот опозициски неделник во Русија, Новое времја, неделава објави приказна за постарата ќерка на претседателот Владимир Путин со неколку фотографии на кои таа е со другарки на одмор во холандски Мастрихт во 2008 година, во Токио во 2009 и Италија во 2010, но и снимки од студентските денови. Голем број Руси првпат добија прилика да видат како изгледа Марија. Со ова е направен чекор во демистификацијата на животот на членовите на најтесното семејство на Путин, бидејќи со години ниту еден весник не можеше да објави фотографии од ќерките на претседателот Марија и Катерина, освен оние од раното детство.
Иако од текстот може да се заклучи дека редакцијата успеала да ги најде фотографиите на интернет, не е невозможно тие да ги купиле или добиле од некоја од другарките на Марија. Путиновиот портпарол Дмитриј Песков одби да даде каков било коментар објаснувајќи дека „традиционално не коментира никакви теми или вести за семејството на претседателот“.
Во репортажата „Првата ќерка на земјата“ се тврди дека Марија Воронцова, која од 2006 до 2011 студирала на Факултетот за основна медицина на Ломоносов, всушност е постарата ќерка на Путин. Марија го завршила факултетот со „црвена диплома“, што значи дека била меѓу најдобрите. Потоа била на постдипломски студии на Ендокринолошкиот научен институт, а Новоје времја сугерира дека тој институт брзо напредувал благодарение на тоа што таму работи ќерката на Путин.
Неделникот тврди дека Марија е венчана за холандскиот бизнисмен Јорит Фасен, кој работел за Газпром, дека имаат ќерка и дека живеат во центарот на Москва во близина на американската амбасада во една од „сталинистичките“ згради. Во влезот во кој живее Марија може да се влезе само со пропусница. Кога оди на работа во Ендокринолошкиот институт, вози џип во придружба на автомобил со ротациски светла. Наводно, и нејзиниот сопруг има таква придружба.
Путин со години избегнува да зборува за своите ќерки. На прашањата за нив најчесто кратко одговара дека се добри студентки, дека зборуваат по три странски јазици…, а на последната голема конференција за новинари на крајот на декември додаде и дека се гордее со нив.
Објавувањето на текстот во рускиот неделник се случува во исто време со серијата текстови и филмот на Би-би-си во кои рускиот претседател Путин се сомничи дека е вмешан во корупциски шеми и дека има огромно богатство. Пишувајќи за патувањата на Марија, возењето на јахта чие изнајмување за седум дена чини 8.000 евра и слично, весник сугерира дека ќерките на претседателот не знаат што е тоа криза, онаа што ја преживува „обичниот народ“.
Она што беше супертајна во последните 16 години, животот на семејството на претседателот, сега почна да излегува на површина, главно благодарение на новинарите. Прво јавноста дозна дека помладата ќерка Катерина Тихонова раководи со компанијата Инопрактика, која учествува во проекти со универзитетот Ломоносов, и дека е венчана за Кирил Шамолов, син на познат бизнисмен. Вредноста на имотот на семејството на Кирил се проценува на 2,85 милијарди долари.
А неодамна јавноста дозна и за венчавката на Људмила Путин, која сега се презива Очеретнаја.
Новоје времја во советско време беше главниот пропаганден информативен неделник наменет за странство, а сега стана најголем руски опозициски весник, чија редакција сака да се нарекува Њу тајмс.