ФОТО: Убиството во Охрид како на филм – Ова е убиецот
Поради постоење основи за сомнение за сторено казнено дело „разбојништво“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.К. (37) од Куманово, со привремен престој во стан на улицата „Галичица“ во Охрид. Него, Основното јавно обвинителство му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, по што е пренесен во казнено поправна установа-затвор во Скопје.
-На 20-ти овој месец во 11 часот и 45 минути, пријавениот, со цел стекнување противправна имотна корист, заѕвонил на станот од неговата сосетка, сега починатата Спаса Б. (67) од Охрид. Пријавениот, претходно се осигурал дека таа е сама во станот и подготвувајќи се да го изврши кривичното дело, земал една водоводна цевка и ставил бели хируршки ракавици на рацете. Објаснувајќи и на сосетката дека сака да го погледне распоредот на станот, сега починатата му дозволила влез на Ј.К. и незабележувајќи дека има ракавици и водоводна цевка, од ходникот на станот се упатила кон дневната соба. Тогаш, сега притворениот Ј.К. од зад грб, со водоводната цевка и задал неколку силни удари во пределот на главата и вратот по што таа паднала на подот. Веднаш потоа, Ј.К. започнал да пребарува низ собите, пронашол и одзел еден мобилен телефон и паричник со 3. 200 денари во разни апоени, информираат од СВР Охрид.
Пред да го напушти станот, забележувајќи знаци на живот кај сосетката и плашејќи се дека ќе биде кажан и откриен, сега притворениот Ј.К. се вратил во кујната и пронашол нож со должина од околу 30 сантиметри со кој и задал неколку удари во пределот на вратот и ја усмртил. Потоа го напуштил станот заклучувајќи го со клучот од влезната врата и се упатил во казино.
-Со цел расчистување на казнено правниот настан, СВР Охрид во координација со Јавниот обвинител, презеде низа мерки за обезбедување траги и доказен материјал, извршен е криминалистичко-технички увид на местото на настанот, извршени се претреси, анкети со граѓани како и други оперативно тактички мерки, стои во соопштението од охридската полиција.