СветТоп

Един Гачанин Тито најголемиот нарко-бос од Балканот

Един Гачанин (40), познат по прекарот Тито, најголемиот балкански наркобос што има холандско државјанство, неодамна беше ставен на црната листа на Соединетите Американски Држави.

Според информацијата објавена на службената страница на Министерството за финансии на САД, покрај трговијата со дрога во голем број земји, картелот на Гачанин се занимава и со перење пари и е тесно поврзан со организираната криминална група Кинахан, транснационална криминална организација што веќе е регистрирана и санкционирана од Министерството за финансии за нејзината улога како важна транснационална криминална организација. Гачанин е ставен на црната листа според извршниот налог 14059 за вклучување или обид за вклучување во активности или трансакции што значително придонесуваат или претставуваат значителен ризик за проширување на меѓународната трговија со нелегални наркотици или средствата за нивно производство. Понатаму, во соопштението се додава дека одлуката е донесена во координација со американската управа за борба против дрога – ДЕА, Европол и владите на Холандија, Франција и на Белгија.

Един Гачанин-Тито, кој Европол го смета за еден од шефовите на „суперкартелот“ што држи третина од шверцот со кокаин од Јужна Америка во Европа, е во бегство и не е познато каде се наоѓа. И американската ДЕА високо го „вреднува“ Един за трговија со дрога. Според нив, Гачанин е еден од педесетте најголеми трговци со дрога во светот. Токму затоа ја добива титулата балкански Пабло Ескобар.

Гачанин е роден во Сараево пред 41 година. Водач е на картелот „Тито и Дино“, на кој припаѓаат членовите на неговото семејство и пријателите од Босна и Херцеговина. Освен со шверц на дрога, картелот се занимава и со перење пари и тесно соработува со озлогласената ирска криминална група што ја предводи познатиот ирски боксер и криминалец Даниел Кинахан.

Во ноември минатата година беше уапсен во Дубаи во голема акција на Европол и на холандската полиција. Тогаш беше означен како еден од најголемите светски наркобосови по кои се трага со години, бидејќи неговиот прекар со години им беше познат на истражителите, но неговиот лик долго време беше мистерија.

– Во голема меѓународна акција за разбивање на најголемата мрежа на дистрибутери на кокаин во септември минатата година беа запленети дури 2,6 тона од овој наркотик и беа уапсени 61 лице, а американската ДЕА идентификува мистериозен извесен Тито како лидер на овој картел. Според досегашните информации, тој живее во Дубаи, но е поврзан со Колумбија, Перу и Боливија, од каде што набавува кокаин. Еден од неговите наводни соработници е Зоран Јакшиќ, лидерот на групата „Америка“ – соопштија странските медиуми по големата акција.

Меѓутоа, холандските медиуми наведуваат дека тој бил пуштен од притвор на 29 декември минатата година, а околностите под кои, наводно, бил ослободен еден од најголемите наркобосови се мистерија за судството во земјата. Медиумите тврдат дека Холандија, чиј државјанин е тој, не испратила барање за екстрадиција навреме во Емиратите, но холандското обвинителство ги демантира овие информации, тврдејќи дека нивното барање за екстрадиција било одбиено.

Инаку, картелот на Гачанин го доби и прекарот „суперкартел“, кој, како што тврдат некои медиуми, го надмина Ел Чапо, со обвинувања дека е шеф на група што снабдува една третина од Европа со кокаин. Суперкартелот чиј лидер бил Гачанин бил сочинет од криминални групи од Балканот, Ирска, Италија и од Мароко, а Гачанин бил предводник на балканскиот клан. Дрогата главно ја купувал од наркобосовите од Перу и ја шверцувал во Европа.
Гачанин и неговиот картел „Тито и Дино“ станаа едни од најсилните играчи за трговија со дрога во Перу, откако влијанието го изгуби една од тогаш најмноќните криминални групи „Америка“.

Тито во изминатиот период остана без големи количества кокаин, откако истите тие беа запленети од страна на полициските власти. Првата е 928 килограми кокаин, скриена помеѓу дрвја во Еквадор, која беше запленета во 2016 година. По неа следува заплената на пратка тешка 5.300 килограми, скриена помеѓу банани испратени од колумбискиот град Меделин, која беше реализирана во 2017 година, во пристанишниот град Антверпен во Белгија. Истата година беа запленети пратка од 2.045 килограми кокаин, скриена помеѓу конзерви со храна во Перу, која била наменета за холандскиот пазар, и 5.883 килограми кокаин, кои беа скриени во банани од Меделин во Колумбија и кои беа пресретнати во пристаништето Алгецирас во Шпанија.

Во Перу и Колумбија, неговиот клан има соработка со тамошните криминалци од кои набавува дрога, додека, пак, на европска почва соработува со озлогласената италијанска група „Комора“. Насекаде низ светот има голем број други криминални организации со кои неговата група е поврзана.

Поголемиот дел од животот го поминал во Холандија каде што се поврзал со важни личности од подземјето. На списокот на негови блиски соработници од другите кланови е името на Ридуан Тагиј, водач на картелот „Ангели на смртта“, за кого е распишана меѓународна потерница од Интерпол поради поврзаност со голем број убиства и за кого холандските власти се подготвени да дадат 100 илјади евра за оној што ќе им даде било каква информација за него.

Еден од партнерите му бил и уапсениот Ричард Рикелме, познат како Ел Рико, кој е чилеански криминалец, еден од најопасните луѓе на светот, кој на крајот на 2017 година беше уапсен во Колумбија врз основа на потерница издадена од Холандија. Третиот партнер на Гачанин е Рафаел Имепиралe, викан Паста, еден од челните лица на италијанската мафија „Камора“.

До сите податоци за кланот „Тито и Дино“, како и за неговиот водач Един, се дошло благодарение на тесната соработка помеѓу американската ДЕА и холандските власти. Според нивните процени, само преку пристаништето во Ротердам, на годишно ниво се шверцувале околу 100 тона кокаин од Јужна Америка, а картелот на „Пабло Ескобар од Европа“, како што го нарекува ДЕА, го држи монополот на овој пазар и најмалку една третина од дрогата што од Јужна Америка доаѓа во Холандија му припаѓа токму нему.

– Гачанин контактира и ја организира набавката на кокаин на подрачјето на Перу од четири различни криминални групи, кои дејствуваат одвоено. Во секоја од нив има по една личност од доверба што потекнува од просторите на бивша СФРЈ, чија задача е да ги организира набавката и подготовката за шверцување кокаин во Европа – наведено е во еден извештај направен од страна на истражителите на ДЕА и холандската полиција.
Американската ДЕА дури во 2019 година објасни дека мистериозниот Тито е еден од најбараните мажи во Перу, но дека ниту ним не им биле познати деталите од неговиот живот.

– Водачот на наркомафијата е маж на возраст меѓу 45 и 50 години, чие име не се знае со сигурност, а неговиот карактер сѐ уште е мистерија. Она што се знае е дека сите го нарекуваат Тито. Тој ја разви својата мрежа и свој наркоклан, кој испраќа дрога од Перу во Европа. Колку пари троши за превоз говори и фактот што кокаин со исклучителна чистота се транспортира со прекуокеански бродови, авиони, подморници – откри тогаш полицаец на специјална јужноамериканска полициска група. ДЕА потоа го стави неговото апсење како приоритет.

За потребите за шверц на дрога, Тито во Перу основал компанија што формално се занимава со текстил. Во Холандија, Босна, Шпанија, Белгија и во Дубаи ги пере парите. Во тоа му помагаат и членовите на неговото семејство, кое е со потекло од Сараево.

Уапсени 23 члена на кланот „Тито и Дино“

Во меѓународната акција „Мајор“, спроведена во осум земји на два континента, во која активно учествуваа припадници на полициските сили, во текот на 2020 и 2021 година, беа запленети 4,10 тона кокаин, а беа уапсени 61 припадник на кланот „Тито и Дино“. Акциите беа спроведени во рамките на оперативна работна група и во нив учествуваа полицијата на Србија, Шпанија, Германија. Словенија, Колумбија, Босна и Херцеговина, Хрватска, како и американската агенција за борба против дрогата ДЕА.

Покрај кокаин, полицијата тогаш пронајде и големи лаборатории каде што се одгледувала марихуана. Во акциите биле запленети околу 612 илјади евра, 324 килограми марихуана, луксузни возила и мотоцикли. Истражителите откриле дека картелот дејствувал како мултинационална компанија. Имале оружје, скапи автомобили, луксузни куќи и станови. Шпанската полиција откри дека главните играчи често ги менувале земјите на престој, а и состаноците ги одржувале на различни локации.

 

Поврзани вести

Back to top button