Две куќи изгореле во струшко, пожари беснеаат низ цела Македонија
Две куќи и дабова шума изгореле во пожар во близина на Струшкото село Октиси, соопшти денеска СВР Охрид.
Од утринава активни пожари има во Македонска Каменица, Делчево, поширокиот кумановски регион, во село Живиње и над Никуштак, а пожарникарите и понатаму се борат со пожарот околу Преспа.
Гори трска и друга нискостеблеста вегетација во Паркот на природата Езерани во Преспа, пожарот кој вчера го зафати Националниот парк Галичица, направи пустош.
Голем пожар ја зафати и Македонска Каменица. Дирекцијата за заштита и спасување и денес ангажираше свои воздухоплови од Одделението за специјализирани услуги и со тоа го локализираше и стави под контрола и овој пожар. Со тоа потребата за евакуација на населението е надмината, бидејќи постоеше опасност пламени јазици да зафатат и дел од куќите во околината.
Во Делчевско, пак, доцна попладне вчера настанал пожар кај месноста Средна во близина на село Разловци. Таму во гаснењето на пожарот се вклучени екипи на ТППЕ од Делчево и Шумско стопанство.
За страшен пожар јавуваат и пожарникари од резервниот состав кои се вклучени во акцијата за гаснење во близина на село Владимирово. Поради ваквите појави, кои се присутни речиси цел месец, заседаваа и кризните штабови каде се повеќе се потенцира човечкиот фактор како главен предизвикувач на пожарите.
Два пожара се активни на подрачјето во поширокиот кумановски регион, во село Живиње и над Никуштак, информираат надлежните од Територијалната противпожарна единица и од кумановската подружница на „Македонски Шуми“.
Во Живиње, на границата со светиниколско гори нискостеблеста шума, но поради ветерот постои опасност да се прошири и да зафати висока дабова шума.
Се уште гори нискостеблеста дабова шума во липковско, над село Никушатк во месноста „Баре“. Екипите на шумско стопнаство до тринаесет вработени и со помош на дванесет мештани го гаселе пожарот. Вчера, со осум налети со авион се обидувале и надлежните да го изгасат овој пожар.