Дванаесетта „Костенијада“ во Македонски Брод
На 15-ти ноември во Македонски Брод по дванаесетти пат ќе се одржи културно-туристичка манифестација „Костенијада 2019“, на која ќе земат учество повеќе културно-уметнички друштва и пејачи од земјава, а се очекуваат и голем број гости од повеќе градови, како и присуство на поранешни жители од овој регион кои живеат во други средини.
– Денес по дванаесетти пат во нашиот град ќе се одржи традиционалната културно- туристичка и стопанска манифестација „Костенијада-2019“. Најпрво во Домот на културата ќе биде отворена изложбата „Златен костен“ на која ќе бидат презентирани изработки од костен на учениците од Основното училиште и градинката од нашиот град и ќе бидат прогласени најуспешните творби создадени од нашите најмлади жители. Потоа ќе следува дефиле на учесниците во културно-уметничката програма која ќе се одвива во средиштето на градот и на која ќе земат учество КУД „7-ми Септември“ од Македонски Брод, фолклорниот ансамбл „Гоце Делчев“ од Битола, КУД „Пенка Котеска“ од Прилеп, КУД „Крсте Петков-Мисирков“ од Свети Николе, АФ од Новаци, ФА „Цветови“ од село Дедино – Радовишко, а ќе настапат и голем број солисти и пејачи од Скопје, Битола и соседните Прилеп и Кичево – истакна Милена Стојческа, директорка на Домот на културата и организатор на оваа манифестација.
Во средиштето на градот ќе има дегустација на костени а голем број производители ќе презентираат традиционални производи од поречкиот крај како еколошки мед, ракија, плетени производи, сирење и многу други. Инаку организирањето на Костенијадата е поттикнато токму од неговото височество костенот, бидејќи овој регион е најбогат и најголем производител на питом костен во земјава.
Извор: Нова Македонија