Десетта „Штипска Пастрмалијада“- главни гости Ју група, Рибја Чорба и Здравко Чолиќ
Во општина Штип во тек се подготовки за манифестацијата „Штипска пастрмалијада 2016“.
Манифестацијата ќе се оддржи на 16, 17 и 18 септември на познатата локација кај крстосницата Дујле. Во врска со настанот денес се оддржа првата прес конференција на која беше објавен дел од програмата и изведувачите:
– Првата вечер, во петок на 16 септември, ќе настапат Ристо Самарџиев, Александра Јанева, Момо Николовски и главните изведувачи, рок составот Ју група. Следниот ден, во сабота на 17 септември ќе ги видиме Силви Бенд, Куртиш бенд и Јордан Митев а потоа како главни изведувачи е уште еден познат рок состав, Рибја Чорба. Финалето на „Пастрмалијада 2016“ ќе биде во недела на 18 септември, со настап на Антонија Гиговска, Мартија Станојковиќ, Мартинијан Кириловски, HQ Bend и ферсу Мустафов, како вовед во ѕвезда на вечерта и манифестацијата, поп пејачот Здравко Чолиќ – изјави Драган Ристов, Советник за односи со јавност на Општина Штип.
Што се однесува до угостителскиот дел, и таму течат подготовки:
– Исто како и лани, угосителите имаат свое тело кое е координирано од Емил Попадинов од хотел „Изгрев“ и тие веќе се организираат околу нивниот дел, во поглед на пастрмалиите, штандовите и сите други аспекти на манифестацијата. Програмата останува отворена, доколку постојат услови, ќе биде додадено уште некое име со цел поголема забава но во суштина трите главни изведувачи остануваат. Буџетот кој општината го издвојува е 1.2 милиона денари, додека изведувачите доаѓаат на манифестацијата благодарение на пријателите на манифестацијата – кажа Кирил Панајотов од Општина Штип.
Општината изрази голема благодарност до голем дел од спонзорите и поддржувачите на манифестацијата кои и финансиски и логистички помагаат таа да продолжи. Главен спонзор на манифестацијата е „Скопско“, а „Пастрмалијадата“ ја помогнаа и „Кит-го“, „Тера маркети“, „Брилијант“, винарија „Далвина“, „ЕАМ“-Штип.
Ова е десетто издание на манифестацијата „Штипска Пастрмалијада“ со оглед на тоа што таа започна да се организира во 2007 година на градскиот плоштад.