Денеска е Св. маченици Адријан и Наталија
Денеска е Св. маченици Адријан и Наталија
Свети Адријан и Наталија потекнуваа и живееја во Никомидија. Двајцата беа од богат род. Адријан, кој беше началник во преторијата, беше незнабожец, а Наталија тајна христијанка. Пред своето мачеништво тие проживеаа во брак само една година. Во нивно време царот Максимијан ја посети Никомидија и не пропушти прилика тука да ги прогонува христијаните. Имено, во близината на градот, во една пештера, се криеа 23 христијани. Некој ги поткажа овие на властите, а војниците ги извлекоа оттаму, ги изнамачија и ги фрлија в затвор. А Адријан, како човек со прав ум, се чудеше на нивната истрајност и преку нив и тој поверува во Распнатиот и Воскреснатиот. И не го криеше тоа, туку јавно го исповеда, поради што беше затворен. Кога слушна за тоа, Наталија дојде во затворот и тука им служеше на сите и го бодреше Адријана да истрае во сведоштвото. Набргу сите беа погубени. А после три дена, како особено приврзана гулабица, и Наталија се прибра мирно кон својот брачник.
Преподобен Титој
Ученик на Свети Пахомиј и голем меѓу Мисирските подвижници. Игумен на манастирот во Тавена. Сиот живот го мина во потполна чистота. Еднаш еден брат го запраша: „Кој пат води кон смирението?“ На ова Титој му одговори: „Патот кон смирението се воздржанието, молитвата и мислата за себе како за понизок од с ѐ што постои.“ Достигна мошне висок степен на совршенство. Кога ги креваше рацете на молитва неговиот дух влегуваше во екстаза. Се упокои во 4 или 5 век. Заедно со него се споменува и преподобен Ивистион.
Свети Зер-Јаков
Голем мисионер на христијанството во Абисинија.