Македонија

Божин Павловски до Заев: Мораше ли да јаваш на облаци?

„Додека не го проплукаме мајчиното млеко затоа што сме создале македонска држава наспроти бугарската историографија, ќе бидеме уценувани со тие блокади за влез во НАТО и ЕУ. Дадовме шанса една исто така мала држава на Балканот да се изживува со нас заради нивните пусти Санстефански соништа“, пишува писателот Божин Павловски на својот профил на „Фејсбук“.

Тој се прашува дали и Грција ќе постапува на ист начин, односно дали договорот од Преспа е само почеток на уцените, плашејќи се оти курбан ќе оди името на нашиот јазик заедно со кодот.

„Во договорот јасно е нотирано дека Македонија останува во Грција, наспроти Северна Македонија. Значи дека ќе следува диференцирање на македонското од северномакедонското. И како ќе се владее Албанија кога ќе се отвори Уставот? Се разбира, исполнување на сите желби од Тиранската платформа или тргнување на чергата од под нозете на Заев. Распад на владината коалиција. Најмалку што ќе побараат тие е Северна Македонија да биде земја на два народа. Дотука е играта дека се залагаме за граѓанска држава. Мораше ли Заев да си го потроши својот мандат на овој начин? Импресивен би бил неговиот успех кога би си имал работа со искрени партнери. Но, за жал, ние за половина век живот во Федерацијата не совладавме ниту еден проблем ни со Грција, ни со Бугарија, па ни со Албанија. Оставивме времето да ги залечи раните, откако стопати се обидовме да се договориме. Ако не му се верува на Заев дека Република Македонија правела многу обиди, нека оди во Државниот архив за да ги согледа фактите.

Не можам да му се начудам зошто не им даде предност на своите предизборни ветувања, туку влета право во канџите на пропагандите. Не сакам да верувам дека тие го донесоа на власт за да им служи“, смета Павловски.

Поврзани вести

Back to top button