Англичанка призна дека планирала терористички напади на катедрала и хотел во Лондон!
Сафира Амира Шаик која ја поддржува Исламската држава, се изјаснила на денешното рочиште во кривичниот суд во Лондон дека е виновна за планирање на бомбашки напад на катедралата Свети Павле и еден хотел во Лондон.
36-годишната државјанка на Велика Британија од Мидлсекс на југоистокот на Англија призна дека планирала да изведе терористички напад и дека ширела терористички публикации.
Во обвинението е наведено дека Шаик воспоставила контакт со лице кое требало да ја изработи експлозивната направа, како и тоа дека ги разгледувала локациите околу катедралата кои се најпогодни за изведување на напад против христијанските верници.
Шаик признала дека сакала мета да биде објект од историско значење и дека денот на нападот требало да биде Божиќ или Велигден со цел да загинат што е можно повеќе луѓе, пренесуваат британските медиуми.
Своите планови им ги открила на двајца полицајци кои биле на тајна задача.
Во извештајот на лондонската полиција е наведено дека Шаик од август до октомври 2019-та година делела памфлети со терористичка содржина во разни групи преку апликацијата „Телеграм“ и се подготвувала да ѝ се приклучи на Исламската држава.
Шаик инаку не е родена во муслиманско семејство. Таа била крстена како Мишел Рамсден, но во 2017-та година одлучила да премине во Ислам и набрзо потоа да изврши терористички напади. Пресудата се очекува во мај оваа година.