Човек од Тексас кој ја малтретирал својата поранешна девојка на интернет и објавувал интимни фотографии од неа на социјалните мрежи, мора да и плати отштета од 1,2 милијарди долари, одлучи судот. Жената се пожалила дека нејзиното поранешно момче објавувало интимни фотографии од неа на интернет без нејзина согласност.
Тие фотографии биле направени од камери во куќата во која живеела жената, а тој ги објавил на лажни профили на социјалните мрежи. Во објавите тој ги означил пријателите на жената, семејството и работодавците, пишува „Гардијан“.
Тој отворил и веб-страница и преку неа објавил јавно достапни документи на Дропбокс со фотографии од неа. Покрај тоа, тој испратил и интимни фотографии од поранешната девојка по електронска пошта.
Човекот не се појавил пред судот, не ангажирал адвокат ниту се јавил на судските покани за судење. Адвокатите на жената побарале на нивниот клиент да и биде исплатена отштета од 100 милиони долари. Тие за „Вашингтон пост“ изјавија дека полицијата не одговорила на повеќекратните пријави на жената за малтретирање од страна на нејзиното поранешно момче, што ја поттикнало да поднесе граѓанска тужба.
Од 2015 година, законот во Тексас го прогласи за кривично дело споделувањето интимен визуелен материјал без дозвола на лице и со намера да им наштети. Ова е познато како „одмаздничка порно содржина“. Доколку сторителот на ваквото кривично дело биде прогласен за виновен на суд, може да биде казнет со затвор до една година и парична казна до 4.000 долари. Четириесет и осум американски држави имаат слични закони против одмаздничката порнографија, но не е јасно колку често се спроведуваат законите.
Во тужбата се наведува дека парот се разделил во 2021 година. Жената се вратила во округот Харис, кој го опфаќа Хјустон, за да живее со нејзината мајка. Нејзиното поранешно момче ги чувало информациите за најава за нејзината е-пошта и профилите на социјалните мрежи и добил пристап до системот за безбедносна камера на нејзината мајка. Така ги добил нејзините интимни фотографии.
Кога ги објавувал фотографиите на интернет, мажот ги означил пријателите и семејството, нејзиното работно место и теретаната каде одела. Адвокатите на жената изјавија за „Вашингтон пост“ дека вознемирувањето ја навело да размислува за самоубиство и дека и била дијагностицирана ПТСН.