Македонија

Албанскиот стана официјален јазик во Струга

Албанскиот јазик и официјално покрај македонскиот ќе биде впишан како службен јазик во општина Струга. Тоа стои во новиот статут на општината кој денеска го изгласаа градските советници.

Во Членот 7 на овој највисок локален акт сега стои:

„Во оштината, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилично писмо“, а во параграф понатаму се додава:

„Во општината службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото кирилично писмо, е и јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од жителите на општината, односно – албанскиот јазик и неговото писмо“.

Во досегашниот статут на општина Струга стар 15 години, стоеше дека службен јазик во општината е македонскиот и неговото кирилично писмо и јазикот којшто го зборуваат најмалку 20% од жителите на општинатa, но не и албанскиот јазик како посебен термин.

Единствено советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против статутот и најавуваат дека спорниот Член 7 ќе го обжалат пред Уставен суд. Велат дека на овој начин Струга станува двојазична општина, што според нив е спротивно на Уставот и на Законот за локална самоуправа. „Со овој статут се исклучува можноста за употреба на јазиците на другите“, рече Ален Деребан најавувајќи ја жалбата „веднаш штом биде објавен во Службен весник“.

Поврзани вести

Back to top button