Православни светители кои се празнуваат денес
Светиот маченик Талалеј
Родум од Ливан, од татко Верукиј и мајка Ромилија; осумнаесетгодишно момче со прекрасен изглед, со коса црвеножолта. Лекар по занимање. Пострада за Христа за време на царувањето на Нумеријан. Кога храбро ја исповеда својата вера во Господ Христос пред мачителот, овој им нареди на двајцата џелати Александар и Астериј со сврдел да му ги дупчат колената, да му провлечат јаже низ издупчените коски и да го обесат за едно дрво. Но на џелатите како една невидлива сила да им го зеде видот и наместо Талалеј тие издупчија една штица и ја обесија на дрвото. Кога дозна за ова мачителот помисли дека тоа го направиле намерно и нареди да ги бијат. Тогаш Александар и Астериј повикаа: „Жив Господ, отсега и ние сме христијани, веруваме во Христа и страдаме за Него!“ Кога го чу ова, мачителот нареди и ги убија со меч. Тогаш самиот мачител зеде сврдел за да му ги дупчи колената на Талалеј, но рацете му премалеа, па мораше да го моли Талалеј да го спаси, а овој тоа и го стори со молитва. Потоа го фрлија во вода, но тој жив му се јави на мачителот. (Зашто Талалеј во себе Го молеше Бога да не умре веднаш, туку да му се продолжат маките.) Кога го фрлија на ѕверовите, тие се умилкуваа околу него и му ги лижеа нозете. Најпосле беше убиен со меч и се пресели во Царството Небесно, во 284 година.
Светиот маченик Аскалон
Пострада во Антиној, град мисирски, во времето на Диоклецијан. Беше биен, стружен, горен со свеќи, но остана докрај непоколеблив во верата. Кога мачителот Аријан се превезуваше со кораб преку Нил, Аскалон со молитва го запре коработ насред река и не му даваше да се помрдне дури Аријан не потпиша дека верува во Христа како во единствен и семоќен Бог. Но припишувајќи го тоа чудо на магиска вештина, мачителот заборави што потпиша и продолжи да го мачи Божјиот човек и натаму. Најпосле на Аскалон му врзаа камен на вратот и го фрлија во Нил. Третиот ден христијаните го најдоа неговото тело на брегот и чесно го погребаа, 287 година. Со него пострада и Светиот маченик Леонид. А нивниот мачител Аријан подоцна се покаја, поверува во Христа од сесрце и јавно почна да ја покажува својата вера пред незнабожците. Тогаш незнабожците го убија и него, та и некогашниот мачител на христијаните, Аријан, се удостои со маченички венец за Христа.