Сексуално преносливи болести
Според Центарот за контрола и превенција на болестите на САД, секоја година има околу 20 милиони нови сексуално преносливи болести (уште еден потсетник зошто секогаш треба да користите кондом). Иако луѓето обично знаат за ризиците од незаштитен секс, тоа најчесто се сведува на мал број сексуално преносливи болести (СПБ) – обично гонореја, кламидија и херпес. Сепак, постојат уште многу сексуално преносливи болести за кои не се зборува многу, но кои можат да бидат подеднакво штетни.
Еве неколку од нив:
1. „Mycoplasma genitalium“
Оваа бактерија предизвикува воспаление на мочниот канал кај мажите, а кај жените се поврзува со цервицит и воспалителни заболувања во карлицата. Заболувањата најчесто се асимптоматски, но кога има симптоми, кај мажите може да се јави исцедок од мочниот канал, печење и болка при мокрење, како и артритис. Кај жените се јавува вагинален свраб и болни сексуални односи.
Иако се работи за релативно нова СПБ и често пати асимптоматска, оваа болест е една од најчесто дијагностицираните СПБ кај младите луѓе. Една студија во Велика Британија покажала дека оваа бактерија е присутна кај 1% од населението на возраст помеѓу 16 и 44 години.
2. Трихомонијаза
Оваа СПБ ја предизвикува паразитот „Trichomonas vaginalis“. Иако е помалку позната од гонореата, кламидијата и херпесот, трихомонијазата е многу честа и всушност се смета за најчесто третирана СПБ.
Симптомите на инфекцијата кај мажите се јавуваат во вид на иритација во внатрешноста на пенисот, мал исцедок, како и лесно печење после мокрење и ејакулација, додека кај жените се јавуваат болки во долниот дел од стомакот, болки при мокрење како и зеленкасто-жолт вагинален исцедок. Сепак, голем број од луѓето со оваа болест не знаат дека ја имаат, бидејќи само кај околу 30 проценти се јавуваат симптоми на трихомонијаза.
Доколку не се лекува, трихомонијазата може да предизвика предвремено породување кај бремените жени и зголемен ризик од зараза со ХИВ. За среќа, болеста се лекува.
3. Срамни вошки
Срамните вошки се сексуално пренослива „непогода“, од која кожата буквално ќе ви лази. Тие претставуваат инсектни паразити со шест нозе кои живеат главно во влакната од пубичната регија и таму ги положуваат јајцата. Сепак, може да се најдат и во други делови од телото, како што се веѓите, трепките и влакната под пазувите. Симптомите од оваа незгода се чешање во пределот на гениталиите како и видливи гниди или вошки, но и болки во таа област како последица од каснувањето и чешањето. Лицата кои имаат многу сексуални партнери или делат постелнина или облека со лица кои имаат срамни вошки се изложени на голем ризик и самите да добијат срамни вошки.
Срамните вошки ни приближно не се опасни по здравјето како другите СПБ. Сепак ако состојбата не се третира, покрај тоа што е екстремно иритирачка може да резултира со импетиго, бактериска инфекција која се карактеризира со чиреви по кожата.
4. „Lymphogranuloma venereum“
Оваа СПБ е една форма од обичната кламидија. Сепак, самата инфекцијата не е толку честа. Оваа болест, која првенствено е инфекција на лимфниот систем и лимфните јазли, се карактеризира со појава на папули или чиреви проследени со абнормално зголемени лимфни јазли на препоните или на бутот(Medscape). Симптомите може да се јават после неколку дена, па до неколку месеци после контактот со бактеријата и вклучуваат болни движења во дебелото црево, отечени вагинални усни, крварење и гној од ректумот, како и дренажа на лимфните јазли преку кожата на препоните.
Ако не се лекува инфекцијата може да доведе до деформирачки улцерации и до зголемување на надворешните генитални органи, вклучувајќи ги пенисот, мочните канали и скротумот кај мажите и големите усни, клиторисот и жлездите во вагиналниот отвор кај жените. Меѓу останатите компликации може да дојде и до воспаление на мозокот како и лузни и стеснување во ректумот.
5. Шуга
Шугата е стара кожна болест – се проценува дека е присутна веќе 3.000 години. Се пренесува преку продолжен контакт на кожа со кожа со лице што е заболено, како и преку сексуален контакт.
Шугата ја предизвикуа гнидата „Sarcoptes scabiei“. Овој паразит живее во кожата на домаќинот и таму ги положува своите јајца, формирајќи осип сличен на тенки траги од молив (Medline Plus). Осипот е пропратен со интензивен јадеж кој е всушност алергиски одговор на присуството на гнидите.