Годинава ќе се градат 10 нови, а ќе се реконструираат 60 училишта
Превидена е санација и реконструкција на повеќе од 60 училишни објекти за оваа календарска година.
Заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, денес информираше дека во дел од училиштата веќе се спроведуваат активностите, а во другите ќе почнат во зависност од временските услови бидејќи има локации каде треба да се менуваат крововите, конструкции или прозорци. За поголемите санации и реконструкции, потребен е период во кој нема ученици во училиштата.
-Дел од активностите затоа ќе се спроведат во текот на летниот распуст, оние кои што се од најкрупен карактер. Станува збор за санација и реконструкција на 60 училишта низ цела Македонија. Од аспект на изграба на нови училишта планирано е и веќе се во напредна фаза два училишни објекти во населба Кисела Вода ОУ „Невена Георгиева-Дуња“ и во Ѓорче Петров „Димитрие Поп-Георгиев Беровски“. Очекувам оваа пролет да бидат при крај нивните активности за да можат со почетокот на новата учебна година да ги ставиме во функција овие училишни објекти. Планирани се дополнителни 6 нови училишни објекти да се изградат во цврста градба на различни локации, рече Ристовски.
Веќе е објавена постапка за избор на фирма изведувач на работите за реконструкција на 8 училишта. Станува збор за ОУ „Братство единство“ во Дебар, ОУ „Даме Груев“ во село Куклиш – Струмица, СОУ ММ Брицо во Скопје.
Во следните денови ќе биде објавен и тендер за уште 8 други училишни објекти. За ОУ„Илинден“ К.Паланка, ПУ с. Мождивњак, ОУ„Ѓорче Петров“ Ропотово, ПУ с. Секирци – општина Долнени, државно училиште за ученици со оштетен вид – Димитар Влахов о.Кисела Вода, Скопје, СОУ “Ацо Русковски“.
Во меѓувреме ќе започне изградбата и на дополнителни 6 училишта од цврста градба. Меѓу нив се „Димитар Македонски“ во Лисиче, ново училиште во Визбегово, „Кирил и Методиј“ во Маџари, доградба – надградба на „Тихомир Милошевски“ во Волково. За нив во тек е постапка за избор на фирма која ќе ги изработи проектите.
Ристовски информира дека во план се изградби на 4 модуларни монтажни училишта за помалите населени места.
-На тој начин се образува гаранција на редовен образовен процес и на децата кои живеат во помалите населени места и села за помали групи на ученици. Нашата цел е да ги задржиме да продолжат да функционираат во своето населено место. За овие инвестиции одвоени се приближно над 450 милиони денари во Буџетот на МОН, заклучи Ристовски.
За време на мандатот на оваа влада, преку непосреден увид на состојбите во училиштата и преку директен контакт со граѓаните, изградени се 72 нови училишни објекти, а реконструирани повеќе од 350. За потсетување, последен пат пред 2006 година, ново училиште било изградено пред осамостојувањето на нашата земја.