Свети Јован Руски, не го почитувале само православните христијани, туку и Ерменците и Турците, кои молитвено му се обраќале: „Слуго Божји, нека не нe напушта твојата милост!“
Свети Јован Руски
Светиот исповедник Јован Руски се родил околу 1690 година во Мала Русија, денешна Украина. Уште од мал бил воспитан во побожност и љубов кон Црквата Божја. Кога станал полнолетен го викнале во војска. За време на војната во 1711 година, Јован и другите војници биле заробени од Татарите, кои го продале на заповедникот на турската коњаница. Тој го однел заробеникот во своето живеалиште во Мала Азија, во селото Прокопиј, во близина на Кесарија. Неговиот господар често го мачел, надевајќи се дека неговиот слуга ќе го прифати мухамеданството. Меѓутоа, свети Јован решително се спротивставувал на волјата на својот господар и велел: „Ниту со закани, ниту со ветувања на богатства и наслади не можеш да ме одвратиш од мојата вера. Како христијанин се родив и како христијанин ќе умрам“. Овој угодник Божји му служел на својот господар од рано наутро до доцна навечер, совесно исполнувајќи ги сите негови заповеди. Гледајќи ја неговата усрдност, другите слуги често го исмевале, но праведниот Јован никогаш не се гневел поради тоа. Напротив, секогаш кога можел им помагал во работата и ги тешел во несреќите. Поради тоа, агата стекнал голема доверба во него, така што му предложил како слободен да живее каде ќе посака. Меѓутоа, тој избрал да остане во аголот во шталата. Со својот свет живот им станал мил на Турците и тие со восхит почнале да го нарекуваат „вели“, што значи светител. Пред крајот на својот макотрпен и подвижнички живот, преподобен Јован се разболел. Лежел на сеното во шталата и повикал свештеник за последен пат да го благослови пред исходот на неговата душа. Причестувајќи се со Светите Тајни, ја предал својата душа на 27 мај 1730 година. По три години неговите свети мошти биле пренесени во храмот на свети великомаченик Георгиј и биле положени во посебна гробница. Новиот Светител не го почитувале само православните христијани, туку и Ерменците и Турците, кои молитвено му се обраќале: „Слуго Божји, нека не нe напушта твојата милост!“
Тропар
Од земјата на твоето ропство, повикувајќи те во Небесната населба, Господ го сочува неповредено исцелителното твое тело, праведен Јоване; зашто од Русија земен и во Азија продаден, среде агарјанското злочестие, благочесно поживеа во многу трпение, и откако посеа овде со солзи, таму жнееш со неискажлива радост. Затоа моли Го Христа Бога да се спасат нашите души.
Светиот свештеномаченик Терапонт, епископ Сардиски
Мнозина Елини ги обрати во верата Христова, заради што од незнабожците беше луто мачен со глад, затвор и ќотек. Гол го положија на земја, го врзаа за четири суви колца, па немилосрдно го биеја додека не му го свлекоа месото од коските. Но маченикот сепак остана жив, а оние суви колци зазеленеа и пораснаа во високи дрвја, од коишто големо мнозинство болни добиваа исцеление. Најпосле Свети Терапонт беше заклан како јагне, во времето на Валеријан и со душата се пресели во Царството Небесно за да ја гледа славата Божја во вечноста. Чесно пострада 259 година.
Тропар
Раззеленувањето на дрвјата ја покажува силата на пролетта, но ти, Терапонте, со благодатта Христова, надминувајќи ја природата створена, со вера во Оној Кој човекот не го напушта, ја исповеда верата во Пресвета Троица, и покажа Бог преку тебе дека во живот вечен од мртвило изведува. Затоа моли се, о ти, чија крв дава живот на мртвата природа, да се засили верата во човека, и преку неа да се спаси од лагата погубна.
Светите маченици Теодора и Дидим
Во времето на злочестивиот цар Максимилијан живееше во Александрија девицата Теодора, благородна по род и воспитание. Како христијанка ја изведоа на суд пред незнабожците. По долги истизавања за верата во Христа, кнезот мачител нареди да ја фрлат во блудилиште и да им биде дозволено на војниците да влегуваат кај неа заради задоволување на телесната похот. Света Теодора усрдно Му се молеше на Бога да ја спаси од скверноста. И додека се молеше влезе кај неа војникот Дидим и ? рече дека и самиот е Христов слуга, па ја облече нејзината облека, а нејзе ? ја даде војничката. Тој Теодора ја пушти да излезе, а самиот остана во блудилиштето. За ова Дидим го фатија и го изведоа на суд, а тој призна дека е христијанин и дека ја спаси Теодора и дека е готов за Христа да умре. Беше осуден на смрт и изведен на губилиште. Тогаш кај него дотрча Теодора и му викна: „Ако ми ја спаси честа не барав да ме спасиш и од смртта. Отстапи ми го мене мачеништвото!“ На ова Свети Дидим ? рече: „Возљубена сестро, не спречувај ме да умрам за Христа и со крв да си ги измијам гревовите!“ Кога ја слушнаа оваа препирка незнабожците ги осудија обајцата на смрт и беа убиени со меч, па им ги изгореа телата во оган. Чесно пострадаа и понесоа венци на бресмртна слава во 304 година во Александрија.
Тропар
Верата ваша во Господа го подигна умот кон Небесата, ја излекува душата од желбата за овој свет, свети маченици Теодоро и Дидиме, срцето ваше исполнувајќи се со Христа, губилиштето го сметаше за награда, молете се за нас, вие верни чеда Господови.
Свети Давид Гареџиски
Еден од Тринаесетте отци грузиски (под 7 мај). Наречен така заради Гареџиската Пустина во близина на Тифлис, каде што се подвизуваше. На старост со неколкумина ученици реши да ја посети Светата Земја. Го остави, значи, манастирот да го управуваат старците Лукијан и Додо и тргна на пат. Кога стигнаа до еден рид од кој се гледаше Ерусалим, Давид заплака и рече: „Како да се дрзнам со овие мои грешни нозе да одам по стапките на Богочовекот?“ Па им рече на своите ученици тие, како достојни, да појдат да им се поклонат на светостите, а тој зеде три камења и се врати назад. Но Господ не даде да се сокрие од светот тоа смирение и ангел му јави на Илија, патријархот Ерусалимски и му рече: „Испрати веднаш по старецот што се враќа за Сирија; тој носи три камења, со себе ја однесе сета благодат на Светата Земја, нему за благослов му е доволен еден, нека ги врати другите два во Ерусалим. Тој старец е авва Давид Гареџиски“. Патријархот брзо испрати луѓе да го стигнат старецот Давид и да му ги земат двата камења, а него да го пуштат. Оној третиот камен до денес лежи на неговиот гроб и има чудотворна целебна сила.