Чудото на Благодатниот Оган за прв пат се случило на Христовиот Гроб, кога во моментот на Неговото Воскресение, неискажливо силна блескава Светлина го осветлила просторот. Во Евангелието според Лука се наведува дека, Марија Магдалина, Јоана, Марија – мајката Јаковова, како и други жени од Галилеја, уште пред зори стигнале на Христовиот гроб. Таму виделе дека каменот што го затворал влезот бил поместен и гробот бил празен. И додека се чуделе што можело да се случи, двајца мажи застанаа пред нив во блескави облеки, и им рекле:
-Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Он не е овде, а воскресна (Лука 24, 5-6)
Во Евангелието според Јован, овој настан е уште подетално опишан:
–Во првиот ден од седмицата, Марија Магдалина дојде на гробот рано, уште додека беше темно, и веде дека каменот од гробот е поместен. Тогаш отрча и дојде при Симона Петра и при другиот ученик, кого Исус го љубеше и им рече: Го дигнале Господа од гробот и не знам каде Го положиле. Тогаш излезе Петар у другиот ученик и појдоа кон гробот. И обајцата трчаа заедно; но другиот ученик отрча побргу од Петра и прв дојде до гробот. И кога се наведна, виде дека лежи само повојот; но не влезе. По него дојде Симон Петар, влезе во гробот и виде дека само повојот стои; а крпата, што Му беше на главата Негова, не стоеше при повојот, туку одделно, свиткана на едно место (Јован 20, 1-7).
Како можеле Петар и Јован, додека уште било темно, да ја видат внатрешноста на гробот и таму облеката во која било завиткано Христовото тело? Особено Јован, кој не ни влегол во гробот? Одговор на ова прашање дава Св. Григориј Ниски во своето дело „За Воскресението на Исуса Христа“, каде што наведува дека сите што го придружувале апостол Петар онаа ноќ, поверувале во Воскресението, затоа што Христовиот гроб бил полн со светлина, која била видлива не само духовно, туку и сетилно. И Св. Јован Дамаскин исто така назначува дека, апостол Петар се изненадил кога ја здогледал Светлината внатре во гробот. Тој во своето слово на Велика Сабота, дообјаснува дека Светлината што во онаа ноќ засветлила во Христовиот Гроб е несоздадената Светлина на Бога Творецот, истата онаа што засветлила за време на Преображението Христово на Таворската гора.
Светлината што го исполнувала Гробот на Исуса Христа, во мигот на Неговото Воскресение, била Несоздадената Светлина на Нетварниот Троичен Бог. Но, каква врска има помеѓу оваа несоздадена Светлина и пламенот што се пали во неугасливото кандило, како и на снопчињата свеќи што ги држи Патријархот?
Според професорот на Теолошкиот факултет во Атина, протојереј Георгиј Металинос, Несоздадената Светлина е искрење од Христовиот Гроб. Таа светлина е невидлива и несоздадена. А потоа, што ќе се запалат снопчињата свеќи кај Патријархот, Светлината станува создадена. Значи, причината за палењето на огнот е Несоздадената Светлина, додека пламенот што гори на свеќите и што можеме да го допреме е создадена светлина. И бидејќи овој пламен на почетокот ја има благодатта на Несоздадената Светлина, тој не ги гори луѓето.
Професор протојереј Теодорос Зисис, на прашањето дали оваа несоздадена Светлина е видлива од сите присутни, вели: Несоздадената Светлина е видлива и денес, не од страна на сите, но од многумина кои присуствуваат на службата. Нормално, сите ги гледаат создадените последици на почетното несоздадено дејство на Светиот Оган – гледаат, значи, како Благодатниот Оган, кој за неколку минути од несоздаден станува создаден (материјален), се шири од еден верник до друг. Несоздадената Светлина е видлива првенствено за совршените, но Бог им допушта делумно да го видат и оние несовршените, па дури и неверници, а со цел за нивно спасение.
Чудото на Благодатниот Оган прв пат се појавил токму во моментот кога Господ Исус Христос, озарен од несфатлива и непристапна Светлина, се вратил од светот на мртвите, за да се прослави со Своето Воскресение. Таа иста Светлина го исполнува светиот Гроб, секоја година за време на службата на Велика Сабота.