РелигијаТоп

Воведение на Пресвета Богородица

Воведение на Пресвета Богородица

Кога Пресвета Дева Марија наполни три години од раѓањето, нејзините свети родители Јоаким и Ана ја доведоа од Назарет во Ерусалим, за да ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога. Од Назарет до Ерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Се собраа и мнозина роднини на Јоаким и Ана за да земат учество во таа свеченост, во којашто невидливо учествуваа и ангелите Божји. Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ? прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив одеа многубројни роднини и пријатели, сите со запалени свеќи. Пред храмот имаше петнаесет скалила. Родителите Ја кренаа Дева на првото скалило, а Таа тогаш сама брзо се искачи на врвот, кај што Ја дочека првосвештеникот Захарија, таткото на Св. Јован Предвесник. Кога првосвештеникот Ја зеде за рака, Ја воведе не само во храмот туку и во Светињата на светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен архиерејот. Св. Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „надвор од себеси и обземен од Бога“ кога Ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во онаа прилика родителите на Дева Марија според Законот, Му принесоа жртви на Бога примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот. Таа пребиваше во храмот цели девет години. Родителите Ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се престават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзина смртта да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на Законот и на обичајот во Израилот, кога наврши дванаесет години му ја дадоа на Св. Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за под вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи Законот. Зашто во тоа време не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и Нејзе потоа Ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.

Тропар
Денес е почетокот на милоста Божја, и на проповедта за спасението на луѓето. Во храмот Божји јасно Дева се покажува, и Христа на сите им Го предвестува; Нејзе и ние гласно ? пееме: Радувај се, исполнување на промислата на Создателот.

Кондак
Пречистиот храм Спасителов, скапоцената свадбена одаја и Дева, свештената ризница на славата Божја, денес во домот Господов се воведува, со себе и благодатта на Светиот Дух воведувајќи ја; ангелите, пак, Божји пеат: Таа е небесната скинија.

Поврзани вести

Back to top button