Денеска е 28 октомври, според стар стил, и се слави Св. маченичка Параскева (Петка). Родена е во градот Иконија од родители богати и христољубиви. По смртта на своите родители, како девојка, почна да им го раздава својот имот на бедните и на болните, во името на Господ Исус Христос.
Кога настана гонењето во времето на царот Диоклецијан, Параскева беше изведена на суд пред кнезот на таа земја. Штом кнезот ја праша за името, таа рече дека името ѝ е христијанка. Кнезот ја укори зошто не си го кажува своето обично име.
А Параскева му рече: „Требаше прво да ти го кажам името на вечниот живот, а потоа на привремениот“. Откако ја биеја, кнезот ја фрли во затвор каде што ѝ се јави ангел Господов, ја исцели од раните и ја утеши.
Со молитва ги урна сите идоли во незнабожечкиот храм. После долги и лути маки ја убија со меч.
Во христијанскиот календар постојат три светици со името Параскева (Петка). Покрај света Петка Римјанка што се празнува на 8 август и меѓу народот е позната како света Петка – летна и света Петка Епиватска, празник меѓу народот познат како Петковден што се празнува на 27 октомври, постои уште една света Петка помалку позната, а таа е светата маченица Параскева од Иконија, Мала Азија, којашто маченички загинала за време на Диоклецијан.
Споменот ѝ се празнува на 10 ноември/ 28 октомври (с.с.) И таа била единствено дете на своите родители поради што со големо внимание и љубов била воспитувана во христијанската вера. Параскева била уште малечка кога починале нејзините родители, а таа нивниот имот го користела за помагање на сиромашните, болните, странците и сл.