Светиот апостол и евангелист Лука
Роден е во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката философија, медицината и иконописот. Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дојде во Ерусалим и таму Го виде Спасителот лице в лице, ја чу Неговата спасоносна наука и стана сведок на Неговите чудесни дела. Откако поверува во Господ, Св. Лука беше вбројан меѓу Седумдесеттемина апостоли и пратен на проповед. Заедно со Клеопа Го виде воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24). По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се врати во Антиохија и таму му стана сотрудник на Св. апостол Павле со когошто патуваше во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожците. „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните Св. апостол Павле (Колосјани 4, 14). На молба на христијаните го напиша Евангелието, околу 60 година. После мачениката смрт на Св. апостол Павле Свети Лука го проповедаше Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места. Ја иконописаше Пресвета Богородица – и тоа не една туку три икони – а исто така Светите апостоли Петар и Павле. Оттука Свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис. На старост го посети и Горен Мисир. Од Мисир се врати во Грција, каде што со голема ревност продолжи да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост. Свети Лука ги напиша Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја. Имаше осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложија на маки заради Христа и го обесија на една маслина во градот Тива (Теба) Беотиска. Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, беа пренесени во Цариград.
Тропар
Со песни свештени да го прославиме светиот апостол, превоспеаниот Лука, раскажувачот на апостолските дела, и светол писател на Христовото Евангелие, кој е неопислив за Црквата Христова, како лекар на човечките немоќи и болести на природата, кој ги лекува и раните на душите, и се моли непрестајно за душите наши.
Кондак
Да го прославиме божествениот Лука – проповедникот на вистинското благочестие, и говорникот на неискажливите тајни, црковната ѕвезда, зашто Словото, Кој единствено ги знае тајните на срцата, го избра него, заедно со мудриот Павле, за учител на народите.
Свети Петар Цетињски, митрополит Црногорски
Роден е на 1 април 1749 година во селото Његуш. Во монашки чин стапи во својата дванаесетта година. По смртта на митрополитот Сава 1782 година Петар стана митрополит и господар на Црна Гора. Сиот свој живот, витешки и свет, овој славен маж му го посвети на својот народ. Внатре работеше со сите сили да ги измири раскараните племиња, а однадвор да ги одбрани земјата и народот од грабливите напаѓачи. И во едното и во другото успеа. Особено се прослави со победата над војската на Наполеон во Бока и Далмација. Кон себе беше суров, а кон секој друг праведен и снисходлив. Живееше во една тегобна келија како прост монах, иако беше кнез на еден народ. Се упокои на 18 октомври 1830 година. Неговите чудотворни мошти почиваат нетлени во Цетињскиот манастир. Господ го прослави и на небото и на земјата како Свој верен и трпелив слуга.
Светите Јулијан и Дидим Слепецот
Св. Јулијан наречен Пустиник беше Персијанец и селанец без школо, но заради чистотата на своето срце беше сад исполнет со благодатта на Светиот Дух. Се подвизуваше покрај Еуфрат во Месопотамија. Имаше дар на проѕорливост. Во мигот кога загина Јулијан Отстапник, Свети Јулијан тоа го проѕре со духот и им го објави на учениците. Неговиот современик, Св. Дидим Слепец во Александрија, исто така ја проѕре со духот погибелта на Јулијан: беше на молитва ноќе кога му дојде глас од небото: „Денес загина царот Јулијан; извести го за тоа патријархот Атанасиј.“ Свети Антониј Велики многу го уважуваше овој чудесен слепец Дидим, којшто имаше проѕорлив дух и навраќаше кај него кога од пустината одеше за Александрија; и заедно Му се молеа на Бога. Овие двајца прекрасни слуги Господови, Св. Јулијан и Св. Дидим, се упокоија по 362 година.
Тропар
Ревноста твоја по Бога те подигна над с? минливо и трулежно, душа хранеше со Господа разговарајќи, а срце исполни со псалми Давидови, о Јулијане, градино на Духот Свети, змијата лек носи во раце искусни лекареви, а молитвите твои нека бидат знаменија победнички со кои Христос ги прима нашите души покајни.
Свети Константин Кавасила
Свети Константин Кавасила се родил и живеел во бурна епоха на постојани војни и борби за превласт меѓу христијанските владетели на распарченото Источно Царство. За неговиот живот и дело се знае многу малку. Се родил во Драч, во познатото семејство Кавасила. Како припадник на благороднички род, свети Константин уште од младоста се стекнал со солидно високо образование, како во областа на световните науки така и во сферата на духовните знаења. Околу 1220 година бил хиротонисан за Струмички епископ. На струмичката катедра напишал два молебни канона за светите Петнаесет Тивериополски маченици, кои се негови први химнографски творби. Благодарение на неговата посветеност во служењето на народот Божји во Струмичката епархија, бил забележан духовен процут на епархијата, за што епископот Константин бил пофален од самиот архиепископ Охридски Димитриј Хоматијан. Како ревносен пастир, свети Константин набргу бил поставен со митрополитско достоинство во градот Драч. На митрополитската катедра во својот роден град останал сe до неговиот избор за Охридски архиепископ, малку пред 1250 година. Трудољубиво служејќи, свети Константин целосно се посветил на Охридската Архиепископија. Како архиепископ, составил еден молебен канон за свети Климент Охридски и два во чест на свети Наум Охридски. Поради бурните политички премрежја кои следеле по Четвртата крстоносна војна и падот на Константинопол под власта на Латините, во 1257 година архиепископот Константин Кавасила бил заробен и заточен во Никејскиот затвор. Сепак, по периодот на заточеништво, бил вратен на Охридскиот престол и продолжил бескомпромисно со грижата за црковниот живот на Јужните Словени. Свети Константин Кавасила се упокоил во Охрид на 18 октомври/31 октомври, предавајќи ја својата душа во рацете Христови.