За вработен во МВР кој го поддржа нападот на Хамас врз Израел ќе има санкции
Ќе има санкции за вработениот кој го поддржал нападот на Хамас врз Израел на Фејсбук, соопштија од Министерството за внатрешни работи. Од Министерството потенцираат дека ги осудуваат нападите на групата Хамас врз Израел.
– Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува по случајот со полицискиот службеник А.С. и неговите објави на социјалната мрежа Фејсбук во врска со нападите на Хамас врз Израел и против него ќе биде поведена дисциплинска постапка односно ќе следуваат соодветни санкции. Ставот на МВР и Владата е јасен и прецизен. Силно ги осудуваме нападите на групата Хамас врз Израел и се солидаризираме со израелскиот народ. Апелираме за решенија преку дијалог. На светот му е потребен мир, велат од полицијата.
Претходно екс-припадникот на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев побара одговор од МВР, оти тамошен началник, според неговото тврдење давал поддршка на нападите на Хамас врз Израел.
Во време кога светот и Македонија застануваат и даваат недвосмислена поддршка за Израел и ги осудуваат терористичките напади на Хамас, висок началник во Министерството за внатрешни работи дава јавна поддршка на нападите на Хамас врз Израел, пишува на социјалните мрежи поранешниот министер за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев.
„Станува збор за Аднан Синани, началник во Одделот обезбедување при Министерството за внатрешни работи и лице што работи како лично обезбедување на заменик-министерот за внатрешни работи, Назим Буши. Работа што вклучува ВИП-обезбедување, учество во домашни и странски делегации и присуство на меѓународни настани. Претходно, на социјалните мрежи тој имаше јавна објава, во кој има недвосмислени елементи на говор на омраза, што е кривично дело предвидено во Кривичниот закон. Се поставува прашањето дали безбедносните проверки за ова лице се направени стручно и професионално со оглед на високиот безбедносен ризик при обезбедување домашни и странски ВИП-личности и делегации“, вели Чулев.
Прашува дали функционерите на ДУИ, како Бујар Османи, кој, како што вели, јасно го осуди нападот на Хамас врз Израел, се свесни дека нивен поддржувач има дијаметрално спротивни ставови, а чува нивни колеги од Владата како и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Министерството за внатрешни работи треба да даде одговор на следните прашања?
1. Дали МВР и Оливер Спасовски и Сашо Тасевски имаат поинаков став од МНР на Бујар Османи и Владата за нападот на Хамас врз Израел?
2. Зашто директорот под чија директна надлежност е Управата за обезбедување досега не поднел дисциплинска постапка за високиот полициски службеник?
3. Дали АНБ ќе направи чекор и ќе му го одземе безбедносниот сертификат на овој началник бидејќи неговото дејствување е спротивно на официјалниот државен став во однос на Израел?
4. Дали сега Стево Пендаровски ќе излезе со став во однос на овој анти-НАТО наратив на висок полициски службеник или ќе премолчи за да не му биде забележано пред кампања?
5. Дали доколку во земјата би престојувал официјален претставник на Израел, ова лице ќе биде дел од придружбата и ќе има контакт до агендата и локацијата на израелските гости?
6. Дали со вака искажаниот став тој всушност свесно им се става на располагање на ќелиите на Хамас задолжени за операции и саботажи надвор од Израел?
Повиците на Хамас вчера беа: смрт на Израел, смрт на Америка. Дали со давањето јавна поддршка на Хамас овој началник на МВР, всушност, го посакува ова за најзначајниот стратешки партнер на Македонија“, истакнува Чулев во напишаното.
Според него, секое премолчување, неосудување и несанкционирање ваков безбедносен инцидент е уште една потврда дека македонскиот безбедносен систем на чело со СДСМ и ДУИ е фрлен на колена и дека безбедносните реформи се само празна флоскула.