МакедонијаТоп

Македонските мечки станаа светска вест

Повеќе странски медиуми, портали и новински агенции, како и сајтови, објавија стории за наездата на мечки во националните паркови во западна Македонија, кои претставуваат закана за локалното население. Мечките сега се активни во зима и само тоа ги тера да бараат храна за да преживеат во текот на целата година. Станува сè повообичаено мечките да имаат по три младенчиња, што порано беше реткост, го цитира АП директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

– Десетици инциденти се пријавени оваа година во кои мечките влегуваат во објекти и во села во потрага по храна, напуштајќи ги планинските живеалишта и внесуваат страв кај локалното население, што ја принудува владата да преземе итни мерки, пишува агенцијата Асошиејтед прес (АП), потсетувајќи дека кафеавите мечки се заштитени во Македонија од 1996 година.

Агенцијата пренесува изјава од директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, според кого популацијата на мечки во Националниот парк Маврово во последниве години пораснал од 70 на околу 160 до 180 колку што ги има сега. Ангелов објаснува дека мечките размножуваат со зголемена брзина и поради глобалното затоплување се активни и во зима.

Чистење на ѓубриштата, обезбедување на хранилишта по шумите, чување на имотите на граѓаните, успивање и дислоцирање мечки се едни од мерките кои во следниот период ќе се применуваат за да се намали присуството на мечките во Општина Маврово и Ростуше. Ова е една од превентивните мерки кои се разгледани и усвоени на вчерашната владина седница, а се предложени од надлежните министерства.

– Во најкраток временски период да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта коишто се во непосредна близина на населените места или во самите населени места, коишто претставуваат извор на привлекување на мечката. За таа цел, локалната самоуправа, во соработка со Јавната установа Национален парк Маврово, согласно нивните надлежности, треба да пристапат кон решавање на прашањето, со цел навремено чистење на сметот (дивите депонии) од сите населени места, како и од локалните патишта, стои во соопштението од Владата.

Со утврдените превентивни мерки е предвидена и контрола на сите придружни објекти во коишто се чува храна, коишто може да бидат лесно достапни и коишто се во близина на местото на домување; затворање со соодветна безбедносна метална ограда на сите места за одлагање комунален отпад; обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места; обезбедување на имотите, посебно на местата каде што се чува добиток, пчели и друго, со стандардизирана опрема со електричен напон; успивање и дислоцирање мечки, во соработка со државни органи и научни институции; употреба превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките.

Превентивните мерки, додаваат од Владата, се предложени од страна министерствата за животна средина и просторно планирање и за земјоделство, шумарство и водостопанство и се очекува нивна ефикасна примена.

Поврзани вести

Back to top button