Велик петок
На Велики Петок Црквата ги споменува смртта и погребението на Господ Исус Христос и Неговото слегување во адот. Ова е стожерна точка во Страдалната седмица, тогаш Богочовекот Кој невино пострада за спасението на човечкиот род ја стекна благодатта на искупувањето од прародителскиот грев, со што се обезвласти владеењето на смртта и на пеколот (демоните) над природата на човекот. (Попросто кажано, оттогаш луѓето живеејќи богоугодно, очистувајќи ги своите срца од страстите, повторно можат да стануваат слободни личности и како такви наследници на рајот.) За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време. На Велики Петок тајниот Христов ученик Јосиф од Ариматеја го измоли од Пилат мртвото тело на невино распнатиот Господ Исус, а јудејскиот кнез Никодим којшто и самиот тајно Го следеше Христовото Божествено учење, со смеса од смирна и алој Му го подготви телото за погребение. Погребот е извршен во петок пред Пасха, во свеж гроб во близината на Голгота (сопственост на Јосиф од Ариматеја). Присутствувале само неколку луѓе. Долгата традиција на споменувањето на овој ден го исполнила со вонредни богослужбени дејства (ги изобразуваат настаните што се случија на Велики Петок: ова започнува со утрената, којашто како бдение се служи уште вечерта во Четвртокот, во која се објавува евангелската историја за страдањата и смртта на Господ Исус Христос во дванаесет евангелија). Со оглед дека на Велики Петок Богочовекот Исус Христос Му се принесе Себеси како благодарствена и искупителна жртва на Бога Отецот во име на севкупната човечка природа (човечкиот род), во Црквата не се служи Светата Евхаристија, освен можеби литургијата на претходно осветени дарови. Во аскетската книжевност, Светите отци особено се задржуваат на карактерот на молитвата на Господ во Гетсиманската градина произнесена на Велики петок, и ја покажуваат како извор, вдахновение и пример на она вонредно животворно ’сеќавање на смртта’ што е преисполнето со безостатната предаденост на Синот кон волјата на Бога Отецот.
Тропар
Како овца на колење си бил воден, Христе Цару, и како јагне невино на крст си се приковал, од луѓе нечестиви, заради нашите гревови, Човекољупче.
Кондак
Дојдете сите да Го воспееме заради нас Распнатиот, зашто Него Го виде Марија на крстот и говореше: Иако трпиш распнување, Ти си Син и Бог мој.
Света Марија Египетска
Житието на оваа светителка го напиша ерусалимскиот патријарх Св. Софрониј. Еден свештеномонах, старецот Зосим, се оддалечи еднаш за време на Чесниот Пост во Задјорданската пустина на растојание од дванаесет дена одење. Одеднаш здогледа едно човечко суштество, суво, голо во телото, со коса бела како снег, кое веднаш почна да бега од погледот на Зосим. Старецот долго трчаше додека онаа човечка прилика не прилегна во потокот и не викна: „Авво Зосиме, прости ми заради Господ, не можам да ти се обратам, зашто сум гола жена!“ Тогаш Зосим ? ја дофрли својата горна наметка и таа му се јави. Старецот беше застрашен од звукот на своето име што го изговорија усните на таа непозната жена. На негово долго настојување жената му го раскажа своето житие. Таа била родена во Мисир и од својата дванаесетта година почнала да живее развратно во Александрија и во разврат поминала цели седумнаесет години. Гонета од блудниот телесен оган еден ден седнала на кораб што пловел за Ерусалим. Кога пристигнала во Светиот Град, посакала и таа да влезе в црква и да му се поклони на Чесниот Крст, но некоја невидлива сила ја задржувала и не ? допуштала да влезе. Во голем страв погледнала во иконата на Пресвета Богородица во припратата на црквата, молејќи се кон Пречистата да ? дозволи да влезе и да го целива Чесниот Крст, исповедајќи ја својата грешност и нечистотија, а ветувајќи дека по ова ќе појде таму каде што ќе ја упати Богородица. Тогаш ? било дозволено да влезе в црква. Откако го целивала Чесниот Крст повторно излегла во припратата пред иконата и ? се заблагодарила на Пресвета Богородица, но во тој миг чула глас: „Ако го преминеш Јордан, ќе најдеш мир!“ Таа веднаш купила три леба и тргнала кон Јордан, каде што стигнала истата вечер. Утредента се причестила во манастирот на Св. Јован и ја преминала реката. Во пустината поживеала цели четириесет и осум години, во преголеми маки, во страв, во борба со страсните помисли како со диви ѕверови. Се хранела со зелје. Сега таа го замоли Свети Зосим идната година да дојде на брегот на Јордан и да ? донесе Причест, ветувајќи му дека ќе дојде да се причести. Следната година авва Зосим дојде на брегот носејќи ? Света Причест, а се чудеше како светителката ќе го премине Јордан. Во тој миг виде на блесокот од месечината дека таа дојде до реката, ја прекрсти и појде по водата како по суво. Кога ја причести, го замоли идната година да дојде кај истиот оној поток каде што се видоа првпат. Авва Зосим појде и на она место го најде нејзиното мртво тело, а над главата натпис: „Погребај го, авво Зосиме, на ова место телото на смирената Марија, предај му го правот на правот, се преставив на први април, во ноќта на спасоносното Христово страдање, по причестувањето со Божествените Тајни“. Од овој натпис авва Зосим го дозна прво нејзиното име, а второ страшното чудо дека таа претходната година, истата онаа ноќ кога се причести, стасала до овој поток до којшто тој мораше да патува дваесет дена. Вака Зосим го погреба телото на чудесната Светителка Марија Египетска. А кога се врати во манастирот, ја раскажа целата историја на нејзиниот живот и чудото коешто самиот го виде од неа. Така ја прослави Господ покајаната грешница. Света Марија се споменува и во петтата недела на Чесниот Пост. Во тие денови Црквата им ја предочува на верните како пример за покајание. Се упокои во Господ околу 530 година.
Тропар
Пустината се напои со твоите топли солзи, песокта ја претвори во молитви кон Бога непрестајни, ветрот ја пренесе милоста Божја, по твоите молитви, до оние кои ги почитуваат твоите, о мајко Марие, свети подвизи.
Свети Мелитон, епископ Сардиски
Прочуен пастир на Црквата од 2 век. Владееше со голема ученост и се трудеше сите книги на Светото Писмо да ги собере во еден кодекс. А според својата кротост и благочестие пак, се трудеше да внесе мир во Лаодикиската Црква, вознемирена од спорот околу датумот на празнувањето на Пасха. Освен ова, го бранеше христијанството пред незнабожците. Така околу 170 година патуваше во Рим и на царот Марко Аврелиј му поднесе една писмена одбрана (апологија) на верата и Црквата. Овој учен, благочестив и ревносен маж се упокои мирно во Господ во 177 година.
Тропар
Духот Божји во тебе поле најде, дом очистен за Бога подготвен, и те надари – простотата, совршеност твоја да постане, за да разбереш што е долу, а што горе. Радувајќи се во Господа и за сите молејќи се, исповедник стана во одбрана на словото и пофалба на Црквата преку сите времиња.
Преподобен Прокопиј Чех
Роден во Хотиш во Чешка од угледни родители. Стана свештеник и се оддалечи во планина за да живее по примерот на источните пустиници. Херцег Урлих случајно го најде и му помогна да го устрои манастирот на Св. Јован Предвесник на реката Сазава. Овој свет маж се упокои во 1053 година.