Светиот маченик Никифор
Житието на овој маченик јасно покажува дека Бог ја отфрла надменоста и со слава го овенчува смирението и братољубието. Во Антиохија живееја двајца блиски пријатели, учениот свештеник Саприкиј и простиот граѓанин Никифор. Нивното пријателство некако се изметна во страшна меѓусебна омраза. Богобојазливиот Никифор повеќепати се обидуваше да се помири со свештеникот, но овој никако не го сакаше тоа. Кога настана гонење на христијаните, свештеникот Саприкиј беше осуден на смрт и изведен на губилиште. Нажален Никифор појде со Саприкиј молејќи го патем барем пред смртта да му прости и да се разделат во мир: „Те молам, Христов маченику“, му велеше Никифор, „прости ми ако ти згрешив нешто!“ Саприкиј не сакаше да се обѕрне на својот соперник, туку мирно и гордо чекореше кон смртта. Но кога ја виде тврдокорноста на неговото срце, Бог не сакаше да му ја прими маченичката жртва и да го овенча со венец, туку тајно му ја одзеде благодатта. И во последниот миг пред џелатите Саприкиј се одрече од Христа и изјави дека ќе им се поклони на идолите. Така беше заслепен од омразата. Никифор го преколнуваше Саприкиј да не се одрекува од Христа. „О брате, не прави го тоа, не одрекувај се од нашиот Господ Исус Христос, не губи го небесниот венец!“ Но с ? беше залудно, Саприкиј остана на своето. Тогаш Никифор им возвикна на џелатите: „И јас сум христијанин! Убијте ме мене наместо Саприкиј!“ Џелатите му го јавија ова на судијата и тој им нареди да го пуштат Саприкиј, а да го убијат Никифор. Тој радосно ја положи својата глава на трупецот и му ја отсекоа. Така се удостои со Царството Небесно во кое влезе овенчан со маченички венец на бесмртната слава. Ова се случи во 260 година, во времето на царот Галиен.
Тропар
Господи Боже наш, Ти Кој простувањето како сад за покајание го подари, слугата Твој Никифор свети нам ни го испрати, да посведочи како се купуваат бесплатно небесните одаи. И сега кон спасение, Христе Боже, приведи ги оние кои ги просат неговите молитви.
Светиот свештеномаченик Петар Дамаскин
За овој светител едни мислат дека живеел во 8 век, други во 12 век. Оваа разлика во мислењата секако доаѓа оттаму што постоеја двајца светители со името Петар Дамаскин. Овој за кого овде станува збор беше голем подвижник. Несебичен до крајност, самиот немаше ниедна книга, но ги позајмуваше и ги читаше. А читаше неуморно собирајќи мудрост. Едно време беше епископ во Дамаск, но бидејќи зборуваше против мухамеданството и манихејската ерес, Арапите му го пресекоа јазикот и го испратија во прогонство длабоко во Арабија. Но Бог повторно му даде сила на говор, па и таму го проповедаше Евангелието и многумина ги обрати во верата Христова. За христијанското потомство состави една драгоцена книга за духовниот живот. Заврши како исповедник и маченик и се пресели во Царството Христово.