РелигијаТоп

Преподобна Ефросинија: Таткото не ја препозна својата ќерка, која со молитва беше испросена од Бога, но таа го препозна својот татко

Денеска е 25 септември (по стар стил) и се слави Преподобна Ефросинија.

Ќерка на Пафнутиј, богат и прочуен човек од Александрија. Од бездетни родители, кои со молитва ја беа испросиле од Бога. Како благочестиви луѓе, тие ја воспитаа во верата Христова.

Не сакајќи да стапи во брак, младата Ефросинија, за да се скрие од татко ѝ, се преоблече во машка облека и се пријави пред игуменот на еден машки манастир како евнух на царот Теодосиј, под името Измарагд. Игуменот го прими и му го предаде под раководство на духовникот Агапит. Со својот подвиг на пост и молитва Измарагд брзо ги надмина сите монаси во тој манастир. Кога наврши триесет и осум години во тешкиот подвиг, тој манастир го посети Пафнутиј и игуменот го упати кај Измарагд заради молитва и утеха. Измарагд го препозна Пафнутиј, но Пафнутиј не го позна Измарагд.

Кога таткото ја исповеда својата тага по изгубената ќерка, Измарагд му рече да не губи надеж, бидејќи уште во овој живот ќе ја види неговата ќерка, а го замоли повторно да дојде кај него по три дена. Кога Пафнутиј дојде повторно, Измарагд лежеше на смртна постела. Тогаш му рече на Пафнутиј: „Јас сум Ефросинија, твојата ќерка, ти си ми татко!“ Таткото долго не можеше да си дојде на себе од страшното изненадување.

Тогаш издивна блажената Ефросинија и татко ѝ ја оплакуваше над одарот. Откако ја погреба, и самиот стапи во оној манастир и се всели во келијата на неговата упокоена и света ќерка.

По десет години подвиг, се упокои во Господа и свети Пафнутиј.

Поврзани вести

Back to top button