Груби: Македонците да го поддржат Заев, ќе останат Македонци кои зборуваат на македонски јазик
Првиот вицепремиер Артан Груби порача граѓаните да го поддржат премиерот Зоран Заев во преговорите со Бугарија и напорите за откочување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ. Тој изјави дека Македонците не треба да стравуваат, бидејќи ќе останат Македонци кои зборуваат на македонски јазик.
– Сакам да дадам огромна поддршка до премиерот Зоран Заев во неговите напори да се откочи нашиот пат кон Европската Унија и се сеќавам на истите вакви реакции и кога се постигнуваше договорот со Грција, Преспанскиот договор. Дел од граѓаните имаа исто вакви реакции, но денеска после две години сите го славиме наше членство во НАТО и сите гледаме дека нашите сограѓани останаа Македонци, зборуваат македонски јазик и државата си остана каква што ја знаевме и пред Преспанскиот догово. Така ќе биде и по договорот со Бугарија и со отворањето на преговорите со Европската Унија. Затоа мојте сограѓани Македонсци нема за што да стравуваат туку треба да ги поддржат Заев и Владата во откочувањето на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ затоа што од тоа придобивка има целото општество – вели Груби.