Црвенковски: Интервјуто на Заев е скандалозно, СДСМ: Црвенковски е историја
По долго време молчење и неизнесување лични ставови, поранешниот претседател на Македонија и поранешен долгогодишен лидер на СДСМ Бранко Црвенковски упати јавно обраќање во кое изразува остро несогласување со ставовите на Зоран Заев и побара највисоките партиски органи да расправаат и да донесат свој суд. Во меѓувреме, го замрзна своето членство во СДСМ.
„Во изминативе 7 години се решив да не бидам на каков било начин присутен во политичката јавност во Македонија. За таквото однесување имав повеќе причини, а во оваа прилика ќе ги споменам двете најголеми. Додека СДСМ беше во опозиција и водеше тешка битка со режимот, не сакав на ниеден начин да давам дополнителен повод за напади кон раководството на СДСМ, дека се мои марионети или дека спроведуваат политики под мое влијание. Сакав партијата да биде ослободена од какво било бреме од претходните владеења на СДСМ со државата. Во периодот по формирањето на Владата на чело со СДСМ, не излегов во јавност за да не се доведам во ситуација да се конфронтирам или јавно да критикувам некои политики и постапки на мојата партија. А такви ситуации имаше во повеќе наврати.
Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина ако не се случеше скандалозното интервју на Премиерот и Претседател на нашата партија Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата влада, ниту на целиот државен врв.
Се обраќам до вас, почитувани сопартијци, за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени, тоа ќе има катастрофални последици врз партијата и, што е уште полошо, врз државата. Реакциите на одделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни.
Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО, ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ. Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизирање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ.
Почитувани сопартијци, до одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ, го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, изјави Црвенковски.
На оваа изјава од Црвенковски реагираа од партијата СДСМ.
Овие ставови се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, овие ставови се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори.
Став на партијата, на Владата, на претседателот Заев, но и државна позиција е дека македонската иднина е во Европската Унија, дека Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи.
Обраќањето на поранешниот претседател, Бранко Црвенковски, после долги години молк и немање став за важни државни или национални прашања, нека го толкуваат граѓаните. Дали е тоа принципиелен однос кон својата партија и кон членството на СДСМ, ќе ценат членовите на СДСМ и граѓаните.
Во исто време, СДСМ и натаму ги почитува и ќе ги почитува сите важни политички одлуки кои партијата ги донела во времето кога беше раководена од Црвенковски, а со кои државата беше насочувана кон прогрес и кон демократски и европски вредности.
СДСМ нема да навлегува во личните мотиви на Црвенковски, искажани во клучни моменти кога на цела држава и е потребен разум за остварување на стратешките цели поставени од независноста, меѓу кои и членство во ЕУ.
Знаат граѓаните што е вистина и кој се бори за македонската иднина, кој го заштити македонскиот идентитет во најтешките преговори во историјата на земјата.
Знаат граѓаните кој носи одлуки без разлика на политичката кариера, исклучиво водејќи се од интересот на целиот наш народ и татковината“, истакнуваат од СДСМ.
Стаутот на СДСМ утврдува точни демократски процедури по кои низ организте на партијата се спроведуваат внатрепартиските консултации, дискусии и носењето на одлуки.
Моќта на СДСМ произлегува од секој член на СДСМ и од високата свест за одговорност и државништво на секој член на СДСМ.
СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја. СДСМ била, е и ќе остане државотворна партија и својата државотворност секогаш ја зајакнувала во вакви исклучително важни моменти“, истакнуваат од СДСМ.