Македонија

Расфрлени погребни ковчези низ Гостивар

Несекојдневната и морничава појава изминатата недела кога на повеќе локации се појавија празни мртовечки ковчези и натаму ја бранува гостиварската јавност. Засега не се знае од каде потекуваат и кој ги расфрлал.

По реакцијата на МИА од СВР Тетово добивме одговор дека веќе се обезбедени фото и видео-материјали поврзани со случајот и истражуваат дали постојат основи на сомнение за сторени кривични дела. Полициските служби преземаат мерки за откривање и трагаат кој и зошто ги оставил сандаците.

Од погребните оператори со кои контактиравме тврдат дека опремата се гледа на фотографиите и видеата не се користи кај нас и не можат да го потврдат нивното потекло. Тие беа прецизни во изјавите дека во ваков случај постои пропуст и дека надлежните треба да ја испитаат целата работа.

Гостиварци во реакциите стравуваат дека станува збор за опрема во која биле лица починати на скопските клиники од корона-вирусот.

Од ЈП Комуналец потврдија дека нивна служба во текот на вчерашниот ден ги подигнала ковчезите кои беа забележани кај новите градски гробишта и ги однела на депонијата. Од таму не може да потврдат дали во нив биле лица починати од последици на ковид19, но нагласија дека во таков случај, погребот се одвива под надзор на надлежните служби.

На социјалните мрежи деновиве беа објавени видеа со морничави содржини, па дури како еден од еко активистите, кои го блокираат пристапот на депонијата Русино, отвора еден ковчег.

Зоран Маџоски  за МИА

Поврзани вести

Back to top button