Македонија

Тони Дуков: Останав без работа и се посветив на пчеларството, сега имам исплатлив и перспективен семеен бизнис

Секој почеток е тежок, секоја нова идеја е неизвесна во реализирањето, секој нов ден носи нови услови за живот, но кога ќе се најдете во ситуација во која егзистенцијата на вашето семејство е во прашање, тогаш изборот е еден – работа и желба за успех. Ако таа работа подразбира сериозно занимавање со вашето хоби, кое сте го работеле со љубов, тогаш успехот нема каде да бега.

Од страна гледано, вака изгледа почеток на семејниот бизнис на фамилијата Дукови од Велес. За ова семејство пчеларството е перспективен и исплатлив бизнис во кој учествуваат и работат заеднички сите – сопругата Валентина и нивните двајца синови.

-Првите почетоци ми беа од хоби со 2-3 пчелни семејства во 2005 година, за во 2013 година да дојдам до околу 70 пчелни семејства. Пресудно за да почнам да се занимавам со пчеларство поозбилно беше што останав без работа. Фирмата во која работев -„Тедико Супер“ се затвори и јас останав без работа. Единствената егзистенција ја гледав во пчеларството и од 2014 година се регистрирав како Индивидуален земјоделец – ја започна својата приказна Дуков.

Од тогаш до денеска бројот на пчелните семејства постојано ги зголемува и сега има околу 190 пчелни семејства.

-Еден дел се наоѓаат во село Еловец Општина Чашка, а поголемиот дел во село Подлес, Општина Градско кое е мој преоритет за пчеларење и зголемување на пчелните семејства бидеејќи село Подлес е на надморска висина од 600- 700 метри и се наоѓа под планината Клепа. Местоположбата е прекрасна, изобилува со разновидни медоносни билки , без никаква обработлива површина во околината и без никакво загадување – вели Дуков.

Пчеларството во последните години бележи нагорна линија, го прашуваме Дуков според него на што се должи тоа, дали е лесно да се биде пчелар, помага државата или невработеноста?

-Сите три наведени фактори влијаат. Не е тешко да се биде пчелар само е потребно да се има голема љубов кон природата и пчелите. Секако голема важност се финансиските средства, бидејќи има големи вложувања во опрема како што се сандаци, рамки, восок и друга опрема која е неопходна за пчеларење и за размножување на пчелните семејства. Има помош и од Државата со субвенции и програмите ИПАРД, а и дел од луѓето што остануваат без работа, а имаат некои основни познавања отпочнуваат да се занимаваат со одгледување пчели.

Исто така сакам да нагласам дека една од причините за да бидеш успешен пчелар е да имате голема подршка од семејството, јас имам големата подршка, во пчеларењето ми помагаат моите два сина и мојата сопруга повремено кога е слободна но нејзина основа задача во овој дел е маркетингот и продажбата – вели Дуков.

Медот го продаваат исклучиво од куќен праг, а произведуваат и мед во саќе, матичен млеч и прополис.

-Од оваа година имам во план да го проширам производството и на други пчелни производи како полен, перга, крем мед, креми на база на прополис…Исто така сакам да нагласам дека на Меѓународното сензорско оценување на квалитетот на медот кое се одржа во Нови Сад добивме  Сертификат за освоено второ место и сребрена медаља .

Репортажата во целост на АГРОТИМ.мк

Поврзани вести

Back to top button