СветТоп

Макрон: НАТО е клинички мртво

Емануел Макрон, францускиот претседател, ги предупреди европските земји дека веќе не можат да сметаат на тоа дека Америка ќе ги брани НАТО-сојузниците. „Она што во моментов го доживуваме е клиничка смрт на НАТО“, вели Макрон во „искреното интервју за Економист“. Европа стои на „работ на пропаста“, вели тој и треба да почне да размислува за себе стратегиски како за геополитичка сила; во спротивно, „повеќе нема да ја контролираме нашата судбина“.

За време на едночасовното интервју, спроведено во неговата блескаво украсена канцеларија во Елисејската палата во Париз на 21 октомври, претседателот тврди дека е крајно време Европа да се „разбуди“. Тој беше запрашан дали верува во ефикасноста на Членот пет, идејата дека ако една членка на НАТО биде нападната, сите ќе ѝ дојдат на помош, за што многу аналитичари сметаат дека е поентата на ефектот на алијансата. „Не знам“, одговара тој, „но што ќе значи утре Членот пет?“

НАТО, вели Макрон, „функционира само ако функционира гаранцијата на крајна нужда како таква. Би рекол дека треба да ја преиспитаме реалноста на тоа што е НАТО од аспект на посветеноста на Соединетите Држави.“ А Америка, според неговото мислење, покажува знаци на „вртење грб кон нас “, како што јасно покажа со неочекуваното повлекување на трупите од североисточна Сирија минатиот месец, оставајќи ги своите курдски сојузници.

Со претседателот Доналд Трамп, Европа сега првпат си има работа со американски претседател што „не ја споделува нашата идеја за европскиот проект“, вели Макрон. Ова се случува кога Европа е соочена со подемот на Кина и авторитарниот пресврт на режимите во Русија и Турција. Покрај тоа, Европа е ослабена однатре со брегзитот и политичката нестабилност.

Оваа токсична мешавина беше „незамислива пред пет години“, тврди Макрон. „Ако не се разбудиме […], постои значителен ризик дека долгорочно ќе исчезнеме геополитички или барем дека повеќе нема да ја контролираме нашата судбина. Многу длабоко верувам во тоа“.

Енергичната неодамнешна дипломатска активност на г. Макрон привлече голем интерес во странство, и скоро исто толку критики. Тој беше обвинет за еднострано дејствување (со блокирање на проширувањето на ЕУ во Западен Балкан) и за самопреценување (со обидот да издејствува директни разговори меѓу Америка и Иран). Меѓутоа, за време на интервјуто, претседателот е пркосен, но опуштен, вели Економист, седејќи на црниот кожен кауч што тој го донел во величествениот салон во кој порано работеше Шарл де Гол.

Францускиот претседател им возвраќа на своите критичари, на пример тврдејќи дека е „апсурдно“ ЕУ да се отвора за нови членки пред да се решат процедурите за пристапување, иако додава дека е спремен повторно да размисли доколку се исполнат ваквите услови.

Основната порака на Макрон е дека Европа треба да почне да размислува и да дејствува не само како економска групација, чиј главен проект е проширување на пазарот, туку и како стратегиска сила. Тоа, вели тој, треба да почне со враќање на „воениот суверенитет“ и повторно отворање дијалог со Русија и покрај сомнежот на Полска и на другите земји што некогаш биле под советска доминација. Ако не го сториме тоа, вели г. Макрон, тоа би било „огромна грешка“.

Поврзани вести

Back to top button