МакедонијаТоп

Екселенции, македонскиот јазик е историска реалност, факт, официјален јазик

Ваши екселенции,

Ние, група македонски интелектуалци, јавно го изразуваме нашиот протест поради барањата и ултиматумите во Декларацијата на Собранието на Република Бугарија, кои и група бугарски интелектуалци ги оквалификуваа како „загрижувачки и проблематични“.

Она што нас како Македонци најмногу нѐ погодува во Декларацијата, а што се коси со европските стандарди и норми, е:

  1. Проблематизирањето на македонскиот јазик, за кој се вели: …. „никаде во документите на ЕУ да не фигурира „македонскиот јазик“, односно ако веќе мора, да се користи терминот „официјален јазик на Република Северна Македонија“. Доколку, како што се наведува, „постои апсолутна неопходност да се користи терминот ‘македонски јазик’ во документи и ставови на ЕУ, со ѕвездичка во фуснота да се појаснува дека е тоа „согласно со Уставот на Република Северна Македонија“ (…) и дека „треба да биде јасно дека јазичната норма која е прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година.“
  2. „(…) откажувањето од поддршката или барањето за признавање на македонското малцинство во Р Бугарија“; и
  3. „Системското отстранување на квалификативот ‘бугарски фашистички окупатор’ од сите текстови на споменици и спомен-плочи.“

Во однос на првата точка истакнуваме: македонскиот јазик е историска реалност, факт, официјален јазик во земјава, користен од повеќе од 3 милиони говорители, кои живеат во нашата држава, во соседните држави, како и во дијаспората која е најраспространета на европскиот, американскиот и австралискиот континент. За нас, Македонците, апсолутно понижувачки е македонскиот јазик, како јазик со богата писмена традиција, наместо да се именува со вистинското име, да се сокрива под синтагмата „официјален јазик на Република Северна Македонија“.

Предлогот на земјата членка на ЕУ, Република Бугарија, го сметаме за непристоен, навредлив, спротивен на сите меѓународно-правни стандарди за оваа проблематика, и, најважно, спротивен на вредностите и правото на кои се темели Европската Унија. Нашата држава и нашиот јазик не се во формирање, туку имаат долга традиција.

За македонскиот јазик се вели дека генеалошки е словенски јазик, а типолошки балкански јазик и од овој аспект гледано е „најбалканскиот“ во Балканскиот јазичен сојуз.  Поради историските околности и поделбата на Македонија на три дела по Балканските војни во 1913 г., Македонците ја завршиле кодификацијата и нормирањето на својот јазик  дури по Втората светска војна.

Во славистиката е општо прифатена македонската теорија (на Ватрослав Облак и Ватрослав Јагиќ)  за основата на старословенскиот јазик, на кој светите браќа Кирил и Методиј ги превеле од грчки црковните книги за полесно ширење на христијанството меѓу словенскиот свет. Според оваа теорија, првиот словенски писмен книжевен јазик се базира врз македонскиот говор од околината на Солун.

Низ вековите, на македонска почва се одвива богата скрипторска дејност преку двете средновековни писарски школи, познати во научниот свет како Охридска и Кратовско-Лесновска книжевна школа. Скрипторската дејност е забавена со потпаѓањето на Македонија под османлискa власт, но не и сосема уништена. За тоа сведочат текстовите настанати во XV и XVI век (Тиквешкиот зборник, Крнинскиот дамаскин), во кои се застапени голем број црти од народниот јазик, сè со цел, овие текстови со религиозна содржина да бидат поблиски до народот,  со што, пак, тие се одвојуваат од средновековната матрица зацртана од културните дејци, како Св. Кирил, Св. Методиј, Св. Климент и Св. Наум, како главни фигури во нашиот ран среден век.

Во XIX век, кога во европски рамки романтизмот е во процут, во Македонија се јавуваат првите никулци на просветителството преку ликот и делото на Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски. Во втората половина на XIX век, како време на преродба и национално будење, во Македонија изникнуваат значајни книжевни имиња како: Константин и Димитар Миладинови, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Ѓоргија Пулевски и др. Нашиот источен сосед се обидува да го присвои целиот XIX век и тврди дека сите наши дејци од тоа време се Бугари. Но, историските факти говорат дека во услови на немање држава и немање стандардизиран јазик, македонскиот обичен човек својата идентификација ја остварувал преку религијата односно црквата. Кога неканонски била укината Охридската архиепископија (1767 г.), Македонецот бил принуден да ги остварува своите верски потреби во локалните цркви кои биле под јурисдикција на Цариградската патријаршија  или на Бугарската Егзархија.

Во почетокот на XX век, од печат излегува малата, но мошне значајна книшка од Крсте Мисирков, „За македонцките работи“ во која станува збор за посебноста на македонскиот народ и на македонскиот јазик. Половина век подоцна заживува идејата на Мисирков за тоа што треба да биде основата на македонскиот литературен јазик. Тоа се говорите на етничка Македонија, лоцирани на потегот Велес ‒ Прилеп ‒ Битола ‒ Охрид.

Македонскиот јазик денес се изучува на сите степени од македонскиот образовен систем и се применува во сите области на современото културно живеење. Како таков тој е впишан во Регистарот на земји и јазици од страна на поткомисијата УНГЕГН при ООН, а латиничната транскрипција на македонската кирилица е усвоена со резолуција во Атина во 1977 на Третата конференција на УНГЕГН при ООН. Во 1992 година, на конгрес во Рио де Жанеиро, Меѓународниот ПЕН-центар донесе посебна резолуција со која се признава македонскиот јазик,  литература, култура и нација; тој е застапен и во Европскиот лингвистички атлас (АЛЕ), основан под патронат на УНЕСКО, како и во Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА), кој претставува еден од најголемите меѓународни проекти во словенскиот јазичен свет. Проектот е под покровителство на Меѓународниот комитет на славистите и е реализиран од страна на академиите на науките од сите словенски земји: во ОЛА се застапени 13 национални академии на науки и/или соодветни институти од сите словенски земји. Нашиот јазик е влезен и во Меѓународната организација за стандардизација ISO и на Google, во чија алатка за преведување е вклучен уште пред 10 години. Огромен број страници на уметничка и научна литература се напишани на македонски јазик.

Поимите Македонец и македонски јазик се длабоко врежани во свеста на секој што живее на ова парче земја. Обидот за бришењето на овие основни атрибути на нашиот идентитет  значи и обид за бришење на колективната меморија, отелотворена во нашата богата историска, фолклорна и културна традиција.

Во однос на втората точка за „(…) откажувањето од поддршката или барањето за признавање на македонското малцинство во Република Бугарија: Има ли потреба вам, како на високи дипломати на ЕУ, да ви кажуваме што значи ова? Познавате ли европска држава во која не постојат малцинства, вклучително и етнички и јазични малцинства? Дали бугарското барање не претставува кршење на основните меѓународни и европски правни стандарди во однос на граѓанските и на човековите права врзани за себеидентификацијата и самоопределувањето и по овие основи?

Очекуваме институциите на Европската Унија, како и нејзините земји членки, принципиелно да реагираат на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, секако во името на евроинтеграцијата и на добрососедските односи, следејќи ги добрите искуства и примери од претходните проширувања на Унијата. Да потсетиме и дека во однос на евроинтеграцискиот процес на нашата земја, со децении ЕУ ни повторува дека малцинствата и нивните права се многу важни. Со  Рамковниот договор од 2001 година нашата земја се обврза на решенија кои ги надминуваат  меѓународните стандарди за малцинските права, за разлика од Република Бугарија која беше примена во ЕУ без никаков услов кон малцинствата, вклучувајќи го и македонското, а беше толерирана дури и кога Меѓународниот суд за човекови права од Стразбур пресуди дека ги крши правата на македонското малцинство во случајот на ОМО Илинден.

Во однос на третата точка, односно за системското отстранување на квалификативот „бугарски фашистички окупатор“ од сите текстови на споменици и спомен-плочи,  сметаме дека условувањето на членството во ЕУ со фалсификувана промена на ноторни и неспорни историски факти од нашата заедничка европска историја од периодот на Втората светска војна, како и на националниот историски наратив во врска со овој историски период, и неговата замена со некаква актуелна политичка и конструирана „заедничка историја до 1944 г.“, е досега невиден преседан во процесот на евроинтеграциите. Уцената со прифаќањето на присилната реинтерпретација на историското минато и културното наследство на нацијата од средниот век до денес, оди дотаму што се наложува „промена на информациските натписи и другите ознаки, вклучително и врз историските и културните споменици“, што опфаќа и приспособување на „официјалните изјави и коментари“ на политичките претставници, на сите македонски државни институции, како и на медиумите финансирани од државата. Сето тоа во согласност со политичкиот диктат на меѓудржавниот договор, а во име на европските интеграции, односно со вулгарна злоупотреба на овие процеси ‒ што е крајно неприфатливо за современа Европа во XXI век. Речиси нема нација што во својата историја не бележи мрачни мигови. Но тие во високоцивилизираната Европа не се бришат, не се фалсификуваат и не се кријат, туку се признаваат, за нив се бара прошка и служат за историска поука. Обратно од актуелната скандалозна агенда, ние очекуваме Република Бугарија да го следи светлиот пример на други земји членки на ЕУ, и да го изрази својот дел од историското извинување за овој тежок и трагичен период од нашата заедничка европска историја. Соседна Република Бугарија им должи извинување и на Македонците и на македонските Евреи за злоделата сторени за време на бугарската окупација на Македонија во текот на Втората светска војна.

Поради погоре наведеното, од вас бараме да ги пренесете нашите ставови во Брисел, со кои се согласуваат огромен број Македонци, дома и во светот, како и другите граѓани на нашата земја од другите етнички заедници. Воедно, ве молиме, сите европски дипломати во земјава, како и политичарите во европските институции и во земјите членки на ЕУ, да ги осудите ваквите испади на земја членка на ЕУ. Договорите и декретите, без заемно почитување, не се доволни за  добрососедство и пријателство. Земјите членки на ЕУ треба да ги поддржуваат соседите на европскиот пат, а не да ги уценуваат на начин кој е без преседан во рамките на Европската Унија, и целосно спротивен на вредностите и правото на кои е таа втемелена.

акад. Катица Ќулавкова, МАНУ

акад. Витомир Митевски, МАНУ

акад. Георги Поп-Атанасов, МАНУ

акад. Зузана Тополињска, МАНУ

доп. член Марјан Марковиќ, МАНУ

проф. д-р Елка Јачева-Улчар, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје

проф. д-р Александра Ѓуркова, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје

проф. д-р Симона Груевска-Маџоска, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје

проф. д-р Лилјана Макаријоска, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје

проф. д-р Велика Стојковска-Серафимовска, Институт за фолклор „Марко Цепенков“ –  Скопје 

проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, Правен факултет „Јустинијан Први“ – УКИМ, Скопје

проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд, Правен факултет „Јустинијан Први“ – УКИМ, Скопје

проф. д-р Катерина Здравкова, ФИНКИ, УКИМ, Скопје

Алдо Климан, писател

проф. д-р Маја Ангеловска-Панова, Институт за национална историја ‒ Скопје

проф. д-р Митко Панов, Институт за национална историја ‒ Скопје

проф. д-р Катерина Тодороска, Институт за национална историја ‒ Скопје

проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, Институт за национална историја ‒ Скопје

проф. д-р Валентина Миронска, Институт за македонска литература ‒ Скопје

Фросина Пармаковска, писател

проф. д-р Илија Велев, Институт за македонска литература ‒ Скопје

проф. д-р Славица Велева,  Филолошки факултет „Блаже Конески“, УКИМ ‒ Скопје

проф. д-р Ганка Цветанова, Институт за социолошки и политичко-правни истражувања, УКИМ ‒ Скопје

проф. д-р Марија Чичева-Алексиќ, Институт за старословенска култура ‒ Прилеп

проф. д-р Виолета Николовска, Факултет за образовни науки, УГД ‒ Штип

д-р Емил Ниами, славист, Руски центар, УКИМ ‒ Скопје

Петар Андоновски, писател

м-р Ивана Настески, дипл. графичар и ликовен педагог

вон. проф. м-р Дарија Андовска, композитор, Факултет за музичка уметност, УКИМ ‒ Скопје

Никола Пијанманов, ликовен уметник

м-р Бобан Карапејовски, Филолошки факултет „Блаже Конески“,УКИМ ‒ Скопје

Љупчо Тодоровски-Упа, актер

м-р Милица Петрушевска, консултант по организациски развој и претприемничка

Живко Гроздановски, писател

м-р Дафина Поповска, магистер по јавно здравство

Поврзани вести

Back to top button