КултураТоп

Во нормална (морална) држава – талентот прави пари, во ненормална (неморална) држава, парите прават талент

Немам повеќе од пет-шест години: на плажа сме, на црногорско приморје. Крај мене едно девојче, на иста возраст, прави песочен замок. Се вика „Ружица из Титовог Ужица“ (така ми рече и јас мислев дека „Изтитовогужица“ ѝ е странско презиме). Има златни раце: нејзиниот замок е сто пати поубав од замоците на сите други деца што, следејќи го нејзиниот пример, се обидуваат да го направат истото. Но попусто е: она што го прави Ружица е ремек-дело, она што го прават другите е „демек“-дело. И кога Ружица го завршува замокот, едно мургаво момче доаѓа до неа. Ја гледа со расипана насмевка во очите. Заканувачки ниша напред-назад со ногата, уживајќи во вресоците на Ружица, која повторува: „Немој, немој!“ Конечно, откако садизмот ќе му се засити, со НЕВООБИЧАЕНА РАДОСТ ѝ го разурнува направеното.

И денес, педесет години подоцна, често ја сонувам таа слика. Ама ја гледам и на јаве. Им се случува на уметници, професори и научници, ама им се случува и на студенти и на млади луѓе на самиот почеток, кои својот талент го носат како проклетство, дури и како жиг на омраза од другите.

Во негирањето нечиј талент, се крие, очигледно, негирањето на Бога. Ајде: негирањето на ДНК, за оние што се атеисти. Или, поточно, во секој што урива совршен „замок од песок“ (макар бил и дете), во секој што негира нечиј талент или го премолчува, постои неизговорено обвинување дека Бог или ДНК се неправедни. Постои револт против нешто што ниту доволно го познаваме, ниту можеме да го контролираме: никој нема контрола над Бог или над ДНК. Никој не ја разбира смислата на нивната „правда“. Кутриот Салиери, во култниот филм на Милош Форман, не можеше никако да сфати – што му фали нему, работлив и педантен, па да не му биде даден Божјиот дар на талентот, туку напротив, Бог го бакнал во умот она невоспитано детиште – Волфганг Амадеус Моцарт? Тој гнев е всушност антропоцентрична суета, која смета дека човек подобро би ја поделил земната правда од Бога. Тој гнев е и гнев на сите револуции, кои безумно разурнуваат и вистински, а не само замоци од песок, а нивните жители ги ставаат на гилотина или ги стрелаат, како Романови.

Од таа моја случка се гледа дека дури и децата покажуваат суета и завист. Кој не верува дека децата можат да бидат сурови, нека се сети на генијалниот роман „Господарот на мувите“ на Вилијам Голдинг. Јасно е дека има нешто УНИВЕРЗАЛНО, во различна мера, во секој човек против талентот. Но, исто така, јасно е дека кај извесни поединци и народи тој револт против талентот е поизразен одошто кај други. Горан Стефановски тврдеше дека Македонците ќе ти простат сè, освен талентот. Важни балкански писатели се жалат на истиот синдром – „Убиј го талентираното куче“. Се чини дека талентот повеќе привлекува омраза во сиромашни средини; во побогатите земји, оние што им завидуваат на талентираните, наоѓаат утеха во материјалните уживања на животот. Туѓиот талент не нè вознемирува многу, ако џебот ни е полн. Во сиромашните средини, „неправедната“ распределба на талентот му долева масло на огнот, и ја преполнува чашата на социјално-револуционерниот гнев: па Боже, ако луѓето веќе неправедно стекнуваат материјални богатства, зошто и ти се однесуваш неправедно, па некому даваш и преку мера, а некому воопшто не? Зошто тој (таа), а не – јас?

Во нормална (морална) држава – талентот прави пари. Во ненормална (неморална) држава, парите прават талент. Во нормална држава, самата држава дава пари за талентите, а во ненормална поединецот дава пари (се самофинансира) за да му го признаат талентот (ако го има). А ако го нема, може и да си купи. Секој што купил диплома, знае дека никој од професорите не му напишал пониска оценка од 10 (тоа е оценка за таленти). Така што, талентот, полека ама сигурно, од Божји БЕСЦЕНЕТ дар станува човечка стока СО ЦЕНА. Колку што мене ми е познато, никој овде не се збогатил од својот талент. На запад – да. Затоа и бегаат луѓето, главно за Запад, иако тој си има други мани. Како да се спаси од омраза и завист, па дури и од обиди за физичка елиминација секој што го носи проклетството на талентот? Има два начина: да се исели од завидливата, примитивна заедница во некој друг простор: странство, циркус, манастир. Вториот начин е да стане што помалку видлив и „перциптибилен“ во својата средина. Ако не го направи ни едното ни другото, тие ќе се погрижат да го елиминираат физички. Дури и да чекаат да умре, ќе сторат сè да умре побрзо: ќе го шиканираат на работа, ќе му плетат интриги. Под тие неподносливи напади, талентот често и се самоубива, зашто неговата природа секогаш е етичка: него не го боли каменот што го фрлиле на него, туку намерата на тие што фрлаат. Кога ќе се случи талентот сам да си пресуди, на сите неталентирани им олеснува, затоа што прво, талентот веќе не постои и не ги потсетува на нивната беда, а второ – тој самиот си пресудил, што значи дека самиот бил свесен дека воопшто и не е никаква вредност, туку е безвреден.

Се разбира, тие лицемери забораваат дека чкрапалото на револверот на челото од самоубиецот не го повлекува самоубиецот, туку целото општество. Ние ги самоубиваме луѓето, без разлика што најлицемерно го сфаќаме самоубиството како „нивен личен избор и чин“. Повторувам: сите ние ги самоубиваме, во драма полна одвратни интриги, во кои повлекувањето на чкрапалото е само спуштање на завесата откако сите заедно сме го одиграле последниот чин на нивно понижување. Како ги самоубиваме самоубијците? Лесно. Со она садистичко, заканувачко нишање на ногата пред нивниот раскошен замок од песок.

Сè што се кажа за талентираните важи и за работливите, особено во мрзливи средини. Работливоста е само другата страна на паричката, на која на аверсот стои „талент“. Толку.

ВЕНКО АНДОНОВСКИ ЗА НОВА МАКЕДОНИЈА

Поврзани вести

Back to top button