Работата на учителите воглавно не се смета за опасна, но за неколку храбри членови на персоналот во едно оддалечено училиште на Филипини, утринското патување до работното место потсетува на екстремен спорт.
Имено, овие учители мора да се спуштат низ дури 14 реки за да стигнат навреме на работа, пренесува “Daily Mail”. Поради тоа, тие облекуваат водоотпорни одела, а книгите и останатиот прибор ги пренесуваат во пластични ќеси за да не се намократ.
На снимката која настанала на 19-ти септември се забележува како учителите влегуваат во брзата планинска река, а потоа пливаат во обратен правец за да стигнат до брегот.
Учителката Ракел Флорентино вели дека реката на снимката е само петта по ред и дека мора да препливаат низ уште девет за да стигнат до училиштето.
“Реката Аклан има силни струи дури и во обичен ден. Потребни нѝ се водичи за да избегнеме несреќи. Секогаш имаме рани по телото, а нашите нокти се откинати”, изјавила таа.
“Единствено што можам да направам е да плачам пред да заспијам бидејќи секој ден имаме часови. Но, тоа е единствениот начин овие деца, кои живеат во отфрлените краишта да посетуваат настава”, додала Флорентино.
Ракел секое утро се вози со автобус до најблискиот град, откаде таа со останатите учители заминуваат до планинското подножје и почнуваат да се спуштаат низ реките.
Вкупното патување до училиштето во просек трае три часа секој ден.