Свет

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Најмалку девет мртви во исламистички напад на неколку цркви

Бомбаши самоубијци нападнале три цркви во индонезискиот град Сурабаја, втор по големина, при што загинале најмалку девет лица, соопшти полицијата.

Десетици се повредени во нападите што се случиле за време на неколку минути.

Засега никој нема преземено одговорност.

На телевизиските снимки се гледа двор на една црква обвиен со густ црн чад. Голема експлозија се слушнала неколку часа по нападите, за што портпаролот на полицијата во Источна Јава, Франс Барунг Мангера Мангера кажал дека единицата за демонтирање на бомби „обезбедувала“ преостанат уред.

Индонезија, земја со доминантно муслиманско население во последниве месеци е сведок на зајакнувањето на исламскиот екстремизам.

Нападите се случиле во 07:30 по локално време.

Индонезиската агенција за разузнавање наведува дека нападите најверојатно биле извршени од страна на членови на групата Џемах Аншарут Даулах блиска до Исламската држава.

Нападите се одвиваат неколку дена откако екстремни исламистички затвореници убиле пет члена на елитна противтерористичка единица за време на 36-часовна криза во високо обезбедениот затвор на периферијата на главниот град Џакарта.

Нападите на црквите најверојатно биле поврзани со заложничката криза која се случувала во затворот, пренесоа властите.

„Главна цел на нападите се безбедносните сили, но можеме да кажеме дека (за екстремистите) постојат алтернативи ако главните цели се блокирани“, рече Ваван Пурванто, директорот за комуникации на Индонезиската разузнавачка агенција.

Поврзани вести

Back to top button