Религија

Православни светители кои се празнуваат денес

Светиот маченик Бонифациј

Свети-мученик-Бонифатије

Мачеништвото за Христа од грешникот прави светител. Тоа го покажува примерот на Свети Бонифатиј. Тој најпрво ѝ беше слуга на некоја богата и развратна жена во Рим, Аглаида, со којашто имаше нечиста и незаконска врска. Обајцата беа незнабожци. Еднаш Аглаида посака да има во куќата маченички мошти и да ги чува како амајлија што штити од зло. Затоа го прати својот слуга во Азија, за да најде и да ѝ купи мошти. Бонифатиј зеде со себе неколкумина робови и доста богатство, а при разделбата ѝ рече на својата господарка: „А ако не можам да најдам никаков маченик и ако ти го донесат моето тело, госпоѓо, пострадано за Христа, ќе го примиш ли со чест?“ Аглаида се насмеа и го нарече пијаница и грешник. Така се разделија. Кога дојде во градот Тарс Бонифатиј виде мнозина христијани на маки: едни со отсечени нозе, други без раце, трети избодени, четврти на бесилки итн. Нему му се измени срцето, се покаја за својот грешен живот и заплака. И сред христијанските маченици возвикна: „И јас сум христијанин!“ Судијата го подложи на маки, нареди и грозно го биеја, потоа му истурија врело олово во устата и бидејќи тоа не го повреди – му ја отсекоа главата со меч. Робовите го зедоа неговото тело и го однесоа во Рим. Ангел Божји ѝ се јави на Аглаида и ѝ рече: „Прими го оној што некогаш ти беше слуга, а сега ни е брат и сослужител; тој ти е чувар на душата и заштитник на животот“. Ужасната, Аглаида излезе во пресрет, го прими телото на Бонифатиј, му изгради црква и во неа ги положи моштите на маченикот. Таа потоа се покаја, им го раздаде сиот свој имот на бедните, а самата се повлече од светот и поживеа уште петнаесет години во горко покајание. Свети Бонифатиј пострада во 290 година.

Свети Григориј (Григентиј), епископ Омиритски

Најпрво беше ѓакон на медиоланската Црква и имаше многубројни виденија. По Божја Промисла беше одведен во Александрија, каде што патријархот Протериј според едно небесно откровение го ракоположи за епископ на Омиритската земја, во јужна Арабија, којашто Св. Елезвој (под 24 октомври) штотуку ја беше ослободил од тиранинот Дунаан Евреинот. Свети Григориј се памти како добар пастир и голем чудотворец. Со помош на христољубивиот цар Аврамиј ја уреди омиритската Црква, подигна многу храмови и крсти голем број Евреи. Вршеше големи и страшни чуда со молитва; на неговата молитва пред неверните Евреи се јави и Самиот Господ Христос, а тоа беше пресудно за да се крстат. Управуваше со Црквата триесет години. Се упокои мирно во 552 година.

Свети Бонифатиј Милостив, епископ Ферентиски

Уште од детството беше необично милостив, а мајка му обично го прекоруваше за тоа. Од Господ преку молитвата за ова добиваше стократно. Се упокои мирно во 6 век во Италија.

Преподобен Илија Муромец

Монах киевопечерски. Се упокои во 1188 година. Неговите нетлени мошти се чудотворни. На десната рака досега му стојат трите прсти составени за молитва. Од ова се гледа дека умрел на молитва.

Поврзани вести

Back to top button