Героски: Кога им кажувам на странците какво министерство имаме, или мислат дека се шегувам или едноставно креваат раменици
Го измислив неологизмот „пиарчење“, поттикнат од најновите обеспокојувачки податоци што ги откри новинарката на „Макфакс“, Кристина Озимец, за бројот на лица што се ангажирани во големата државна пи-ар машинерија, сега поголема од таа на претходната влада. Бројот на лицата што работат односи со јавност и комуникации (пи-ар) во министерствата и во Владата е зголемен за најмалку 18 лица во споредба со лани. Најмалку 120 лица во Владата и во министерствата во моментот работат во овој сектор.
Зборот „пиарчење“, освен што посочува на „занаетот“ со кој се занимава оваа армија млади луѓе (пи-ар), укажува и на фактот дека станува збор за арчење народни пари, а можеби и за неоправдано „пијанчење“ (опиеност) од стекнатата власт. Велам можеби, бидејќи и покрај одличното истражување на Озимец, ми недостасуваат аргументите со кои власта го брани зголемувањето на пропагандната машинерија, која во времето на Груевски ја критикувавме како метастазирано ткиво на режимот.
Нема да пропуштам уште една прилика јавно да критикувам две клучни слабости и да апелирам премиерот Зоран Заев лично да се заложи тие веднаш да се отстранат. Прво, нема никакво оправдување владината пи-ар служба да биде подигната во ранг на посебно министерство. Таков ресор нема во ниту една демократска држава во Европа. Кога им кажувам на странците какво министерство имаме, или мислат дека се шегувам или едноставно креваат раменици. И второ, нема никакво оправдување владината пи-ар служба да биде помногубројна од онаа на Груевски. Напротив, треба да биде најмалку наполу помалубројна, а двојно поефикасна.
И ова што го велам е аподиктичен суд. Доказ по себе. Суд за кој не се расправа. Тој што ќе се обиде да го оспори, само ја покажува својата пристрасност или се обидува да смисли оправдување за своите привилегии. Со таквите нема да разговарам. Во време кога Македонија набрзо ќе снема 2.000 специјалисти во медицината и кога медицински сестри нема ни за лек (како и стручен кадар во многу, многу други области), ваквото расфрлање со народни пари буквално е злодело.
Освен тоа, она што не можела да го открие Озимец – па нешто треба да сработат и другите новинари! – е колку од оваа армија луѓе се стручни за својата работа. Сакам да знам колку од нив имаат завршено факултети, но не какви било, туку факултети од својата областа, од областа односи со јавноста. И по можност, сакам да ми се презентираат податоци дека добар дел од нив факултетите ги завршиле на престижни универзитети во светот.
Јас, пак, имам скромни сознанија за некои луѓе што се впрегнати во оваа машинерија, за кои не сум сигурен дали воопшто имаат завршено каков било факултет, а точно знам дека првпат во животот се среќаваат со поимот пи-ар. Тоа не е во ред. Тоа е наметнување споил-систем во администрацијата. Никако не е во ред владините служби да служат за вработување партиски кадри, „шарени револуционери“, „фејсбук-активисти“ и други „заслужни“ по која било основа.
„Oваа влада се посвети на темелно, навремено, точно и транспарентно информирање на јавноста во реално време. Лицата ангажирани за односи со јавност обезбедуваат редовна комуникација со медиумите и со граѓаните и имаат улога на сервис за јавниот интерес. Владата ја напушти практиката на претходната власт да уредува медиуми, а се откажа и од владиното рекламирање за да се оневозможи какво било влијание или контрола врз медиумите. Владата се откажа од ангажирање скапи надворешни консултанти и агенции, на кои претходно се трошеа милиони денари граѓански пари“, велат од Владата за „Макфакс“.
Не сум сигурен дека сè што вели Владата е точно. Јас, на пример, како уредник на два влијателни медиума, од денот на формирањето на оваа влада немам остварено ниту една средба со министерот за транспарентност и отчетност и само еднаш сум се сретнал со неговиот заменик. Дел од соопштенијата што ги примаме од владината пи-ар служба беа жестоко критикувани во јавноста. Имаше и поголеми гафови, на кои, ете, сега нема да потсетувам.
Некој напиша: Владата повеќе време посветува на пропагандата одошто на реформите. Тоа е апсолутно точно. Јас знам дека е неправедно кога вината се префрла на Заев и на некои други министри што одлично си ја вршат работата и дека е лошо кога се генерализира. Но, Владата е колективен орган, а Заев строго ја персонализира. Оттаму, негова е одговорноста да заведе ред во сопствениот двор. Еве, неговата голема дипломатска иницијатива привршува и јас по втор или третпат апелирам тој сега да си ги потсреди работите дома.
Некои од децава сепак ќе мора да летаат од Владата. И тоа со бизнис-класа. Што ќе рече, на клоци… Жал ми е, но тоа е вистината.
Бранко Героски за PLUSINFO.MK